Се кријат, одат на Водно, на ниви, за да ги закопаат своите миленици

Досега, ниту еден градоначалник на метрополата не најде за потребно да обезбеди локација за таа намена, иако на тоа инсистираа и здруженијата за заштита на животните. Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека за граѓаните е неприфатливо угинатите животни да ги исфрлаат како мрша во депонијата „Дрисла“ која е единствената опција која им преостанува, бидејќи закопувањето на животни на јавни површини или во природа е казниво со закон. Предлагаат во рамки на јавното претпријатие „Лајка“, Градот да намени локација, простор, земја со кое претпријатието би можело да располага, односно да стопанисува. Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева нагласи дека ќе го актуализираат овој проблем и смета дека градоначалничката на Град Скопје, сигурно не би имала ништо против. Од Град Скопје, како и многу пати до сега не одговориja на прашањето дали имаат намера да одредат локација за закопување на домашни миленици, и зошто тоа до сега не е сторено    

2566

Во недостиг на гробишта за миленици во Скопје, сопствениците се принудени да ги закопуваат на Водно, под некое дрво, во својот двор, на нива. Криејќи се некој да не ги види, на тој начин тие незаконски постапуваат. Овој проблем провејува со години, а сопствениците на миленици, сè уште не добија можност достојно да ги закопаат иако тие се третираат и стануваат како член на нивното семејство.

-Ми почина мојот мачор, го викавме сивко. Бидејќи нема специјално место одредено за таа намена моравме да го закопаме во нашиот двор. Знаев дека тоа не е во ред, но каде да го однесам- вели сопственичка на миленик од Скопје

Досега, ниту еден градоначалник на метрополата не најде за потребно да обезбеди локација за таа намена, иако на тоа инсистираа и здруженијата за заштита на животните.

-Ова беше од сите ветувано. Проблем кој многу пати беше поставен како тема и од активистите за заштита на животните и од граѓаните, но и од сопствениците на животни. Но, за жал, на овој проблем никој до сега не понуди решение – велат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Оттаму додаваат дека за граѓаните е неприфатливо угинатите животни да ги исфрлаат како мрша во депонијата „Дрисла“ која е единствената опција која им преостанува, бидејќи закопувањето на животни на јавни површини или во природа е казниво со закон.

-А, во такви случаи луѓето се кријат, се со цел достоинствено да си го закопаат својот миленик. Во поголемите градови во Европа, а да не зборуваме за главните градои е непоимливо да не се располага со наменски определено место каде би се вршела таа дејност- потенцираат од „Анима мунди“.

Од ова здружение предлагаат во рамки на јавното претпријатие „Лајка“ Градот да намени локација, простор, земја со кое преетпријатието би можело да располага, односно да стопанисува, како што АД Бутел, стопанисува со гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров.

-Сметаме дека во овие услови ова е најлогично и најприфатливо решение. Ова е реална потреба , реален проблем кој треба да плански да се реши, бидејќи тангира голем број граѓани- велат од „Анима мунди“.

Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева вели  е факт оти имаат потреба од такво нешто.

-Во моментот сите што имаат миленици се кријат, бидејќи ги погребуваат некаде на периферијата од градот под дрво, на нечија земја, на Водно. Сето тоа е незаконски – изјави Пешева.

Таа додава дека ќе го актуализираат тоа, бидејќи како што истакна луѓето сигурно не сакаат да ги одлагаат своите миленици  во дупката за мрша во депонијата „Дрисла“ и смета дека градоначалничката на Град Скопје, сигурно не би имала ништо против.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека обврската за обезбедување место или објекти за нештетно отстранување на мршите од угинати домашни миленици е локалната самоуправа (општината),односно Градот Скопје во кој административно спаѓаат 10 општини.

-Нештетното отстранување на лешот од умреното домашно милениче е обврска на сопственикот. Тој треба да пријави кај матичниот ветеринар дека животното кое го одгледува е угинато за да се изврши ажурирање на податоците во ветеринарно информативниот систем каде е евидентиран домашниот миленик – велат од на Агенцијата за храна и ветеринарство.

При тоа, додаваат дека во случај на сомнеж на заразна болест до официјалниот ветеринарен инспектор и матичниот ветеринар сопственикот треба да пријави дека миленикот угинал и дека постои сомнеж за заразна болест.

– Врз основа на пријавата тие ќе постапат по службена должност и ќе преземат соодветни мерки, вклучително и мерки за нештетно отстранување на мршите. Евтаназираните домашни миленици, приватните ветеринарни друштва имаат обврска нештетно да ги отстранат во јама – гробница која е во надлежност на општината (во случај на Скопје, во јамата гробница во Дрисла), освен кога се работи за случај на сомнеж или потврда на болест – децидни се од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Град Скопје, како и многу пати до сега не одговориja на прашањето дали имаат намера да одредат локација за закопување на домашни миленици, и зошто тоа до сега не е сторено.

Треба да се напомни дека во Хрватска, на пример, освен што има гробишта за миленичиња, постои и крематориум, а за тоа како ќе биде третирано починатото милениче, одлучуваат неговите сопственици.

Во Америка најстарите гробишта за миленичиња се наоѓаат во Њујорк и  датираат од 1896 година. Погребувањето на милениците е познато уште од Стариот Египет кога мачките биле мумифицирани. Најстарите гробишта, пак, за кучиња се пронајдени во Ашкелон, Израел. Се смета дека тука биле закопани илјадници трупови на кучиња во периодот од V до III век пред нашата ера. Притоа, повеќето биле миленици.

(А.П.)