Се зголеми цената на тутунот, прва класа се откупува за 400 денари

37

Откупната компанија „Пашоски“, една од 10-те што го купуваат тутунот во земјава, ја зголеми цената на тутунот на 400 денари. Од Сојузот на тутунските здруженија очекуваат и другите откупувачи да го следат овој пример.

Конкретно, со анекс на договорот, доставен до Сојузот, компанијата соопштува дека првата класа откупен тутун се зголемува од 375 на 400 денари, а тутунот годинава се откупува, главно, во прва класа.

– Нашите настојувања, во соработка со Министерството за земјоделство, преку средби со откупувачите, почнуваат да вродуваат со плод. Така, прва компанија што ја зголеми цената на првата класа тутун на 400 денари е компанијата „Пашоски“, која денеска нè информираше за зголемувањето на цената, со тоа што ќе им биде доплатено на тутунарите кои досега го предале тутунот – изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Тутунарите, а со нив и Сојузот, нема да се откажат од барањето за повисока цена.

– Очекуваме и другите откупувачи да го следат овој пример за зголемување на цената. Тоа ќе биде мотив повеќе за производителите и за производството и за интензивирање на откупот – рече Ристески.

Инаку, досега се откупени преку 3.700 тони тутун по просечна цена од 374,71 денар.

ИЗДВОЕНИ