Се затвори и последниот погон на „Тетекс“, 150 конфекционерки станаа  технолошки вишок

Во историјата на „Тетекс“ никогаш не се задоцнило ниту еден ден во исплатата на вработените, нема година а да не се работело позитивно, се разбира дека очекувам „Тетекс“ повторно да работи, категоричен е директорот Глигорие Гоговски

270

Во овој мандат на Владата на СДСМ, Македонија  останува без последниот текстилен бренд, тетовски „Тетекс“. Од волнарскиот комбинат, чие полно име е АД „Тодор Циповски-Мерџан“, по 69 години постоење во функција останува само предилницата и тоа како сопственост на странска фирма, откако деновиве престана со работа јадрото на гигантот – конфекцијата.

Затворањето на погонот за конфекција е само последниот чекор во пропаста на оваа некогаш југословенска гордост, зашто веќе една година не работи погонот за трикотажа, а минатиот месец се затвори и ткајачницата.

Околу 150 вработени во конфекцијата, претежно жени на возраст од 45 до 58 години се пријавени во Агенцијата за вработување  како технолошки вишок со испратнина од по 2.000 до 2.500 евра, во просек и можност да примаат надомест за невработеност од една година до 18 месеци, во зависност од стажот. По ова во фабриката во која во нејзините златни времиња во периодот на СФРЈ имало и околу 9.000 работници, сега се останати само 60, кои треба да се грижат за одржувањето и обезбедувањето на објектот. Сепак, дали ова ќе значи катанец на фабриката или таа на каков било начин ќе продолжи да работи ќе зависи од умешноста на акционерите на АД „Тетекс“ да спроведат реорганизација за која постои програма. Одлуката ќе ја носат на акционерско собрание што се очекува да се одржи наредниот месец.

Според раководството и синдикатот во фабриката, причина за затворање на конфекцијата е нерентабилното работење. Директорот Глигорие Гоговски, кој во комбинатот е над 50 години, за весникот ВЕЧЕР вели дека причина за затворањето е тоа што „Тетекс“ има примарно производство, значи прави од предиво, ткаенини, волна или акрил, па до готови конфекциски производи или ќебиња, што денеска е неодржливо.

-Тоа повеќе не е можно. Ниту една таква фабрика во поранешна Југославија не остана. Најдете ми само една од Сежана наваму и јас ќе бидам среќен и ќе ве честам. Ние досега се снаоѓавме како што знаевме и умеевме. Но, немаше начин да се одржиме, зашто трошоците за такво производство се големи, вели Гоговски.

Тој додава дека во последно време работеле само за извоз и имале три до четири купувачи кои не ги интересирале проблемите и трошоците на фабриката, туку го диктирале ценовното ниво, укажувајќи на конкуренцијата во Кина, Тајван… На нашето прашање дали е побарана некаква помош од државата, зашто сепак, се работи за познат македонски бренд, Глигоровски вели дека тоа не било соодветно решение, зашто „Тетекс“ е акционерско друштво уште од 1991 година.

Дека последната година ипол работите во „Тетекс“, оделе лошо потврдува и синдикалецот од фабриката,  Љупчо Радовски, кој воедно е и претседател на гранскиот синдикат за текстил и кожарство при ССМ. Тој, меѓу другото, го посочува и проблемот дека околу 150 работнички работеле во хала во која некогаш шиеле речиси десет пати повеќе, па само за нејзиното загревање и одржување трошоците биле поголеми од добивката. Решение за овој проблем се барало, но не се нашло. Исто така, не можеле ниту да се најдат нови вработени и да се подмлади кадарот, зашто младите не ги интересира оваа работа, па дошол момент која бројот на работници се осипал, а на раководители останал ист.  И тој смета дека досега не можело да се направи ништо за одржување на погонот, зашто самиот технолошки процес бил многу скап. Од друга страна, открива дека последните две-три години платата се делела од дивидендата што фабриката ја земала како акционер во други компании.

-Вработените без отпор ја прифатија одлуката за заминување  како технолошки вишок. Со платите за испратнина и надоместот што го примаат, сепак ќе бидат некако обезбедени. Доколку погонот се реорганизира и почне пак да работи, тие повторно ќе бидат викнати на работа. Во програмата за реорганизација што јас ја потпишав има клаузула според која тие ќе имаат предност за вработување, појаснува Радовски.

И тој и директорот Гоговски се надеваат дека ова сепак нема да биде крај за фабриката.

-Во историјата на „Тетекс“ никогаш не се задоцнило ниту еден ден во исплатата на вработените. Нема година а да не се работело позитивно. Се разбира дека очекувам „Тетекс“ повторно да работи, категоричен е Гоговски.

Инаку, за затворањето и на последниот погон  АД „Тетекс“ информираше преку  Македонска берза.

-Заради запазување  на правата и интересите на акционерите и заради одржување и зголемување на вредноста на капиталот од една страна и грижа за вработените, зголемување на општествена одговорност и животната средина од друга страна, Тетекс АД Тетово во текот на месец февруари 2020 година ќе престане со производство на тешка конфекција и со максимално ангажирање  и мобилизирање на  расположливите материјални и човечки ресурси во наредниот период  ќе се ориентира кон останатите  и нови попрофитабилни дејности, стои во образложението на компанијата објавено на Македонска берза.

Инаку, продавниците на „Тетекс“ не се затвораат. Но вработените во нив се исплашени дека ќе се затворат кога ќе им се потроши стоката и тие ќе останат без работа.

Тетекс има 1.200 акционери кои треба да ја решат неговата судбина. Најголем акционер е директорот Глигорие Гоговски, кој  поседува 12,76 отсто од акциите, односно околу 52.850 акции со право на глас. Според евиденцијата на Централниот депозитар на хартии од вредност акции поседуваат и 1.156 домашни физички лица, во чии раце се 80,6 отсто од акциите. Минатата година „Тетекс“ подели вкупно 950.770 евра дивиденда.

Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски Мерџан“ е основан во 1951 година, а неговата трансформација во акционерско друштво почна во 1991 година.