Се градат канализациони линии за повеќе населени места во Гевгелија

88

Реализацијата на годишната програма за изградба на нова канализациска мрежа за атмосферски и отпадни води во општина Гевгелија, почна со изведбените работи на канализациската линија на улицата „Христо Узунов“ во Гевгелија. Програмата ќе опфати делови од Гевгелија во кои постојната канализациска мрежа е застарена и населените места каде таа се уште е неизградена.

– Годинава планираме неколку зафати, но не само во Гевгелија. Наша цел е сите населени места да добијат канализациски линии така што активностите најпрво ќе ги насочиме кон реализација на веќе изготвените проекти за Смоквица и Милетково, како и на пречистителната станица во Моин – рече градоначалникот Сашо Поцков.

Тој потврди дека општината веќе распишала тендер за изработка на проекти и оти очекува наскоро да бидат изработени и проекти за канализациски линии во Ново Конско, Габрово и Петрово кои се последните населени места во општина Гевгелија кои немаат канализација.