Сè поизвесен е крајот на актуелниот состав на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, според информациите од Владата, се подготвува ново законско решение, кое ќе значи департизација на овие тела преку кои се именуваат и се разрешуваат судии и јавни обвинители. Според информациите, бројот на членови на новите тела ќе биде значително намален. Сега, бројот на членови е 15 што доаѓаат дел од судската фела, на предлог на претседателот и од Собранието. Премиерот веќе објави дека за законот, за кој ќе му биде потребно двотретинско мнозинство бидејќи станува збор за уставни категории, се консултирал со хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, кој беше шеф на Мисијата на ЕУ која го скенираше Судскиот совет минатата година и му даде препораки за независно судство.
– Убеден сум дека сите пратеници ќе гласаат за една таква реформа што е препорака од Европската Унија. Доколку не се случи тоа, убеден сум дека Владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство за една таква реформа, со што ќе се стави крај на заробениот Судски совет, судството и на Обвинителството, што ја влече правдата назад – рече премиерот на седницата за пратенички прашања и посочи дека од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
– За член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите, Судскиот совет ја избра, од сите, Антоанета Димовска, сестра на поранешната пратеничка на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева. Таа е избрана од Судскиот совет за член на УО на АСЈО. Тоа е спротивно на закон, бидејќи таа не е од редот на судиите, односно е член на Судскиот совет, што претставува избрана или именувана функција и не смее истовремено да врши функција во орган на управување, како што е УО на АСЈО. Има судир на интереси. За нејзин заменик е назначена Емел Кранли, прва братучетка на Ветон Кранли, љубител на монети и близок соработник на Оливер Спасовски, кој своевремено беше назначен за началник за спречување организиран криминал во БЈБ. Исто така, за член на УО во АСЈО од редот на јавните обвинители Советот ја назначи Душица Димитриеска, мајка на Ема Нешкоска, актуелен член на Советот на Општина Гостивар од СДСМ и кандидат за пратеник од таа партија во ИЕ 3, на последните избори – обелодени Мицкоски од собраниската говорница.
Во делот посветен на правосудството, Европската комисија изрази загриженост за најавите на актуелната Влада за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејства би ја поткопале независноста на судството. ЕК препорача „зајакнување на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка за да ги подобри неговите транспарентност и независност, во согласност со препораките на Мисијата за рецензија на неговото функционирање од 2023 година“, стои во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија.
Меѓу другото, во извештајот се препорачува да се осигури функционирањето на АКМИС-системот преку кој се распределуваат судските случаи, особено при оценувањето на судиите и на претседателите на судови.
Евроамбасадорот Рокас го предаде извештајот и во Врховниот суд. Пред судиите ја истакнал важноста на владеењето на правото и спроведувањето на потребните реформи. Во делот за независноста на судството, извештајот, меѓу другото, ја нотираше и постапката за разрешување што беше поведена од Судскиот совет против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, поради јавните изјави за надворешни политички влијанија во работата на Судот, а која подоцна беше запрена.
Борбата против корупцијата стагнира
„Измените на Кривичниот законик ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“, нотираше Европската комисија во својот последен извештај за Македонија и им порача на властите да донесат нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. „Подобрете го следењето на корупција на високо ниво – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонење, конечни пресуди, конфискација на имот стекнат по криминален пат“, стои во извештајот, кој понатаму му препорачува на Обвинителството во истрагите да има вклучително финансиски експерти, а на она за организиран криминал и корупција – да обезбеди ефективна одговорност во случаите на корупција на високо ниво. Забелешките во извештајот во делот на борбата против високата корупција се најдоа во месечниот извештај на невладината „Транспаренси“, во делот на „матни“ настани. Ја истакнуваат забелешката дека „корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост“.
Од Министерството за правда велат дека новиот Кривичен законик, преведен на англиски, е одамна испратен на мислење до Европската комисија. За весникот ВЕЧЕР информираат дека сега чекаат да им биде вратен и доколку има забелешки, да го коригираат законското решение.
Со новиот Кривичен законик се очекува да се вратат измените на членот 353 и 394 на Кривичниот законик, со кои беа намалени затворските казни за злоупотреба на службена должност и за злосторничко здружување. Измените се однесуваа на деловите од Законот што ги засегаа функционерите, службените и одговорните лица во јавни претпријатија и установи. Затворската казна за злоупотреба на јавните набавки се избриша и се замени со одземање на прибавената имотна корист, а се преполови и затворската казна за злосторничко здружување.
Со измените на Законот за кривична постапка, многу од предметите што ги отвори СЈО, а се однесуваа за функционери од владеењето на Груевски, застареа. Меѓу првите беше процесот „Траекторија“, во кој беа обвинети експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер – Владимир Пешевски, ексдиректорот на ЈП за државни патишта – Љупчо Георгиевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески .Со измените во Кривичниот законик, застареа и предметот за прислушувањето во „Таргет тврдина“, случајот „Продуцент“, предметот за ексчленот на Судскиот совет – Теофиловски, а застареа и злоупотребата во „Моќник“ и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во „Титаник 2“. (П.А)