Се враќа на македонската поп-сцена. А, кој тоа? Елвир Мекиќ! Го паметите? Елвир беше еден од најпопуларните пејачи кај нас и потсетува на едно убаво време од пред десетина години, на најголемата експанзија на македонската поп-музика.
Некои коментираат дека речиси и да е заборавен. А, не е. Но, како што велат, никогаш не е доцна за нов почеток на естрадата, особено доколку е пејачот уште млад и има силна волја за нови успеси. Токму такво нешто наоѓаме кај Мекиќ.
Неговата македонска кариера беше успешна, потоа продолжи со настапите во Босна, се ожени (има син), но оттаму не стигнуваа до нас некои информации за естрадна популарност како онаа што ја имаше во Македонија. Како и да е, Елвир Мекиќ беше и остана хитмејкер. Тоа го потврдува и сега, преку соработката со популарниот Пајак. Судејќи според реакциите од тизер-рефренот на нивната нова песна со наслов „Негде после два“, несомнено, ќе имаме уште еден хит на македонската поп-сцена. И оваа нова песна, која е со модерен звук, го има стариот вајб, со примеси на ретро аренби од 2000-тите години.
– Направивме одличен спој со кој ќе ја опфатиме постарата публика, а Пајак ја има помладата од своја страна. Многу логично е оние деца што се на возраста од 12 или 14 години да не ме познаваат – гордо раскажа Елвир.
Автор на музиката за новата песна е Пајак, текстот е на Елвир Мекиќ, но најинтересно е тоа што текстот на песната е напишан од насловите од најголемите хитови на Елвир: „Некаде после два“, „Армија“, „Ич не ме боли“, „Слаба точка“ и други. Аранжманот, миксот и мастерингот се на Иван Јованов-Ивајо. Спотот е во режија на Гордан Божиновски од „Урбан рекордс продукција“.
Се снимаше на неколку локации, во „Дајмонд мол“, на Гурман стрит и во хотелот „Лимак“. Во спотот настапуваат нашиот познат манекен, поранешен Мистер на Македонија и фитнес-модел – Драган Стојчевски, како и згодната Евгенија Петрушевска. Д.М.