Спортот во овој милениум го достигна вервот, ако не по раскош и талент (но и по тоа), тогаш по цената која се „става” на спортистите, како и по нивните плати. Со оглед на напумпаните цени и трошењето на луди пари веќе одредено време, ги турнаа во бездна многу професионални спортисти, почнувајќи од Мајк Тајсон, Холифилд, Адријано, Џорџ Бест, Ален Ајверсон, Денис Родман….
Се почеста е ситуацијата во која големите спортски таленти штом стапат во полнолетство, покрај документите за лична карта, потпишуваат и мултимилионски договори. Тоа за просечниот човек би бил голем шок, но ако на тоа се додаде и доаѓање од сиромашно семејство, како и недоволната зрелост, резултатот е јасен, или барем истражувањата така покажуваат.
Американскиот магазин „Спорт илустрејтед” во 2009 година спроведе истражување и дојде до неверојатни податоци, односно дури 78 проценти од НФЛ-играчите имаат сериозни финансиски крахови само две години по завршувањето на кариерата, додека 60 отсто од НБА кошаркарите, пет години по пензионирањето влегуваат во сериозна финансиска неволја.
Вили, автомобили, моќни бракови, сплавови, ноќен живот… се е тука, на дофат на рака. Премногу пари, доволно внимание, премалку разум… А кој би го и имал?
Мајк Тајсон, кој го дели опасна судбина, во една пригода изјави: „Се во животот ми дојде прерано, само паметот предоцна“. Тоа секако е резултат на клетвата „Да му даде Бог се, а потоа се да му одземе“. Тоа не е за судење туку за анализа.
Познатиот боксер и поранешен шампион ги искуси сите пороци, водеше раскошен живот и на крај остана без „скршен денар“. Татко му го напуштил додека имал две години. Како дете бил препуштен на улицата, што го донело до тоа да на само 12 години биде „уловен“ во вооружена кражба, поради што бил испратен во поправен дом во близина на Њујорк. Откако во 1986 година стана најмладиот шампион во историјата на супертешка категорија, проблемите со законот ги доживува со создавање на семејство, поточно склучување на брак. Поради насилство во семејството, а потоа и обвинение за силување, доби шест години затворска казна, од кои одлежа три. Тајсон правеше неволји и надвор од рингот, самиот со себе, но полека ја губеше војната, па прогласи банкрот во 2003 година, трошејќи ги заработените 350 милиони евра. Овие пари беа потрошени пред се на автомобили, куќи, жени, но и на тигри.
Кога сме кај боксерите, своја приказна има и Ивандер Холифилд. Петкратниот светски шампион го плати цехот со лошите проценки, барем кога во прашање се браковите и пријателите. Во својата богата боксерска кариера заработи над 220 милиони евра, но ги „прокоцка“ за кус период, а ќе остане запомнет по тоа што Тајсон при еден дуел му го изгриза увото. Тој може да се „пофали” и со единаесет деца, кои ги има со осум различни жени. Толку алиментации му удрија во глава што мораше да се откаже и од куќата во Атланта, која на аукција ја продаде за 10 мил. долари.
Кога би преминале кај НБА-ѕвездите, веднаш ни текнува на Скоти Пипен, Денис Родман, Ален Ајверсон… Сите останаа без пари, бидејќи журките, алиментациите, како и лошите инвестиции им дојдоа преку глава. Пипен од 105 милиони евра дојде до минус осум.
Родман, пак, една жена и алиментација, втора жена и алиментација, трета жена и алиментација, плус пари за раскошен живот и на крај банкрот! Неговите тетоважи, пирсови, обетки како и разни фризури го правеа опасен на теренот, но надвор од него целосно пропадна.
Во Англија три од пет фудбалери во Премиер лигата штом ја завршија кариерата западнаа во долгови. Едноставно банкротираа. Џорџ Бест заработи околу 90 милиони евра, а самиот изјави „Парите ги потрошив на алкохол, брзи автомобили и девојки. Останатите ги потрошив за глупости“. Веднаш зад него се Пол Гаскоњ, Ли Хендри, Џон Арне Рисе…. па некако патот на фудбалерите кои ги потрошија своите залихи водат до Бразилецот Адријано. Познати по раскошниот живот, забавите, па се до дрогата ги чинеше да дојдат до питачење.
Тука е и легендарниот тенисер и поранешен тренер на српскиот ас, Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер, кој поради лошо вложуваше загуби се што заработи. Сомнителните инвестиции во Нигерија, како и други проекти, го спуштија на дно.
И меѓу спортистките има такви кои банкротираа. Најпозната е атлетичарката Мерион Џонс, која три пати го освои златниот медал на Олимписки игри. Таа годишно заработуваше по седум милиони долари, а за да преживее мораше да ги продаде сите медали и трофеи кои ги освои во текот на кариерата. Парите ги потроши по скандалот откако беше откриено дека користела допинг. Исто така своевремено издаваше и лажни чекови, се обиде да прекрие данок, па и да „пере пари“.
Токму поради сето ова, поранешната НБА-ѕвезда, Чарлс Баркли, основаше советувалиште за младите спортисти, се со цел навреме да се запознаат и подготват за сите искушенија кои ги очекува во кариерата, покрај оние на теренот, во рингот, тие мора да го победат најголемиот противник – себеси.