Советот на општина Кичево, со 14 гласа „за” и девет „против”, го изгласа Правилник за зонско паркирање на јавните паркиралишта на територијата на градското подрачје.
Според правилникот, градот ќе биде поделен во три зони А,Б и Ц. Исто така, со одлука на советот со паркирањето ќе стопанисува јавното комунално претпријатие „Комуналец” од Кичево.
Претставничката на „Комуналец”, Рајна Алексоска, истакна дека општина Кичево е една од ретките општини која се уште нема регулирано паркирање во градското подрачје.
-Постапката за зонското паркирање со наплата е започната уште во 2015 година, речиси се завршени сите консултации со сите релевантни чинители кои се надлежни во оваа процедура, истакна Алексоска, која додаде дека ова постапка е мошне комплицирана и не значи дека со самото гласање во советот веднаш ќе почне да профункционира.
-Не чека огромна работа за да се подготвиме како „Комуналец”, за да се стави во функција оваа одлука, бидејќи треба време и финансиски средства за да стартува со наплата на зонското паркирање. Што се однесува за евентуалните забелешки особено за ценовникот, советници во секое време ќе имаат можност да ги коригираат ако сметаат дека нешто не во ред, нагласи Алексоска.