Во Делчево, во тек е поставување сообраќајна сигнализација на новоизградените улици и патишта, како и на пофреквентните улици во градот. Новина е воведувањето зони каде што задолжителната брзина на движење на возилата се ограничува на 30 километри на час, а ќе се однесува на делови од населби каде што вообичаено има поголема фреквенција на возила и пешаци.
– Со оваа активност е планирано да се постават 290 сообраќајни знаци и опрема во Делчево. Сообраќајна сигнализација се поставува на улиците: „Орце Николов“, „Скопска“, „Острец“ , „Вера Јоциќ“, „Маршал Тито“ и локалниот пат Делчево – Тработивиште, улиците „3“и „4“, кои водат до новиот градски пазар – информираа од Општина Делчево.
Оттаму додаваат дека со поставувањето на сообраќајните знаци и опрема, како што додадоа, се имплементираат утврдените режими на сообраќај на улиците во градот Делчево, но и на локалниот пат Л-1 Делчево – Тработивиште.
– Целта е да се изврши навремено известување на сите учесници во сообраќајот за режимот под кој се одвива сообраќајот, а со тоа ќе се зголемат безбедностa во сообраќајот на предметната улица и нивото на услуга на сите учесници во сообраќајот – потенцираат од локалната самоуправа.
Сообраќајната сигнализација на улиците „Орце Николов“ и „Скопска“, „Острец“ и Делчево – Тработивиште е финансирана во рамки на проектот за подобрување на локалните патишта преку Министерството за транспорт и врски, при што е планирано да бидат поставени околу 115 знаци и опрема (сообраќајно огледало и заштитна ограда).
На улиците „Вера Јоциќ“, „Маршал Тито“ и улиците „3“ и „4“, планирано е да бидат поставени околу 175 знаци, обезбедени со финансирање од буџетот на Општина Делчево.