По 1 јануари ќе има нови цени на струјата по блокови на регулираниот пазар. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека не ќе има ценовен шок и најмногу што може да се постигне е да има покачување од 3 проценти за корисниците во третиот и четвртиот блок, додека во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот број од потрошувачите, да нема никакво зголемување.
– Се бориме грчевито, бидејќи тоа што го наследивме во АД ЕСМ е апокалиптична ситуација – истакна тој.
Енергетските експерти деновиве за весникот ВЕЧЕР изјавија дека разликата меѓу поскапо произведената и онаа по која му ја продава ЕСМ на ЕВН, некој треба да ја плати.
– Со оглед на тоа што немаме доволно домашно производство на струја, мора да купуваме од берзите, која е уште поскапа од домашно произведената, разликата е уште поголема и ако не граѓаните, ќе мора да ја плати или ЕСМ или Владата. Некој мора да ја плати разликата, бидејќи цената на нивното производство е 100 евра за мегават/час, а тие ја продаваат по 60 евра. Од друга страна, ЕСМ има скапо производство и тоа што не може да го произведе, го купува на берза за над 100 евра за мегават/час, која се очекува во зимските месеци уште повеќе да се зголеми. Би било одлично ако поскапи струјата само за 2 до 3 отсто, како што тврди премиерот, но тука не е само цената на струјата, има и други трошоци како пренос, дистрибуција… Ќе видиме на крај колкави ќе бидат сметките и каква математика ќе направи Регулаторната комисија за енергетика за да нема ценовен шок – изјави Константин Димитров, универзитетски професор и енергетски експерт за весникот ВЕЧЕР.
Според Мицкоски, најлесно е да се покачи цената на струјата и граѓаните да добијат сметки повисоки за 20-30 проценти.
– Тоа е најлесно и сега опозицијата вели дека ние сме виновни зошто не ги покачуваме сметките. Мислам ова не можам да го разберам како порака од опозицијата, а не ги покачуваме затоа што грчевито се бориме да ја стабилизираме состојбата во енергетиката. Ако настапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, се ќе поскапи. Замислете што ќе се случи и каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата – изјави Мицкоски.
За лошата ситуација во АД ЕСМ која сегашното раководство ја наследило од претходното, според информациите на Мицкоски, МВР и други институции чешлаат што се правело таму во изминативе години и многу брзо ќе излезат со информација. Тој потсети дека се работи на оптимизирање на производството во АД ЕСМ.
– Приходите во АД ЕСМ не се само од продажбата на електрична енергија што оди кон АД ЕВН, тука се и системските услуги кон МЕПСО. Знаеме од прилика колкави се приходите и оперативните расходи. Ценам дека ќе направиме се’ да ги оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие 3 проценти – прецизира Мицкоски.
Во таа насока тој потсети дека во АД ЕСМ се намалени трошоците за 15-20 проценти на старите долгови, а новите тендери се поевтини за ист толкав процент.
– Е сега замислете каде оделе тие 15-20 проценти. Од тоа што го имам како информација точно се знае каде оделе, а многу брзо и јавноста ќе дознае, но ние тоа успеавме да го спуштиме, да го оптимизираме приходот, да ја оптимизираме работата на најголемиот енергетски комбинат РЕК Битола. Во делот на гасот, добивме многу пониска цена од таа што се купувала. Заштедивме 4-5 милиони евра, генерално преку оние попусти што ги работевме. Очекувам да дојдеме до заштеда до 8-9 милиони евра и на тој начин го оптимизираме и производното и приходното портфолио на АД ЕСМ – појасни Мицкоски.
(С.Бл.)