Предлог-буџетот за 2025 година би можел да се најде пред членовите на Владата на утрешната седница, најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Законскиот рок е најдоцна до 15 ноември. Се подготвуваме за владината седница в среда, но не можам ништо да ветам, имаме уште некои ситници што треба да се договорат со некои министри, каде што требаше да има некои кратења. Така што, ако не успееме за оваа среда, следната недела не сум тука и тоа значи во последниот вторник од месецот да се најде буџетот на владина седница – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека контурите на буџетот се во рамките на тоа што е во фискалната стратегија и, како што потенцираше, „генерално се движиме во тој круг, кој веќе е познат и помина на седница на Владата“.

Министерката нагласи дека во идниот буџет се планирани пари за покачување на платите во здравството и во образованието.

– Сметаме оти најобесправени или најмногу погодени се образованието и здравството и фокусирани сме во тој дел. За образованието веќе имаме информација дека има постигнато договор. Очекуваме сега и во здравството да видиме, особено за медицинско-техничкиот персонал. Докторите ги исклучувам овде, бидејќи во минатото имаа повеќе покачување. Не велам дека, можеби, нема да бидат опфатени, но фокусот ни е повеќе на техничките служби, медицинските сестри – рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на тоа кога би можело да се очекува да дојде до промена, Димитриеска-Кочоска рече дека однапред не може ништо да зборува.

– Не можам да зборувам ништо однапред, ги разгледуваме бројките и ако продолжиме со ваква наплата на приходите, ние можеме да разговараме и за многу различни работи во иднина, и за поголеми покачувања. Ако за 100 дена сме успеале да направиме поголема наплата во буџетот, може да замислите какви ни се очекувањата за 2025 година со воведувањето на е-фактурата, уште многу, многу повеќе. Така што за 2026-2027 година може да зборуваме за покачување и во рамките на други сектори – рече таа.