„Во Слоештица тече еден поток кој е ограден и на него е направена валалница за прекрасните разнобојни слоештички јамболлии. Како што центрифугата го исфрла медот од восокот, така и валалницата исфрли уметници кои одвреме-навреме се враќаат и во своето родно место. Авторот на оваа изложба, Сергеј, е од ретките кои добар дел од годината поминува таму. Но, не само да ужива во чистиот воздух и здравата храна, туку тој успеа да направи своевиден културен центар каде што долетуваат уметници од целиот свет“, посочи академик Газанфер Бајрам на отворањето на изложбата „Неизложени слики“ на Сергеј Андреевски

„Сликам како џез музичар, почнувам од една тема, таа е само почеток, а сè потоа е слобода на изразување, внатрешни архиви кои излегуваат низ моите раце, слободно, некогаш и без четка, само со прсти или директно со тубата. Сликата секогаш ми дава одговори…“, изјави за весникот „Вечер“ македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски чија изложба „Неизложени слики“ беше отворена синоќа во Ликовниот салон на МАНУ, а која јавноста ќе може да ја посети до 22 ноември.

Во рамките на изложбата се поместени слики од циклусите „Цвеќулиња“, „Кучињата лаат“, „Коњи“, „Рибари“ кои авторот ги изложувал низ САД, како и во Москва, Берлин, Нирнберг, Љубљана, Сомбор…, а кои досега не биле презентирани пред љубителите на ликовната уметност во земјава. „Изложувам низ целиот свет, но кога сум дома имам најповеќе трема. Не знам зошто е тоа така… Мојата трема е кога ќе почнам да ја подготвувам изложбата и кога ја ставам во просторот…“, вели Андреевски. Авторот, кој следната година полни шеесет години посочи дека во моментов инспирација му се рибарите. „Последната фаза се вика рибари, некаде година и пол работам на таа тема“.

Оваа изложба тој ја посвети на стоматологот Митко Шунтев кој живее и работи во Германија, но и во Македонија, а кој сега е во пензија. „Тој донесе свој колега од Германија и заедно го организираа моето прво самостојно претставување во Германија. Јас бев тогаш млад, немав четврта година завршено… И замислете некој да ви подаде рака?! Тоа е голем чекор, после тоа вие имате крилја! Сега ми е многу лесно јас да изложувам и да летам!“, посочи уметникот.

Дел од шеесетте слики поместени на изложбата се изработени и на сликарските перформанси на Андреевски (со македонската Филхармонија, со Влатко Стефановски, со „Љубојна“, со Џијан Емин, со „Мајовци“ и со музичари од Германија и Унгарија), други, пак, на гостувања на ликовни колонии и резиденции во светот и дома, а некои од нив од ателјето директно заминале во приватни колекции и институции.

„Мојата идеја беше да изложам многу повеќе слики од овие. Меѓутоа секој простор е различен, а во каталогот има многу слики кои не се овде. Едноставно тие не се совпаднаа со овој концепт и затоа направив ваков избор, мислејќи дека ова во моментов е најдоброто за овој простор и за комуникацијата на сликите меѓусебе. Се трудев да направам еден склоп на слики кои со публиката и кои меѓусебе добро ќе комуницираат“, додаде Андреевски кого го прашавме и за неговиот татко, познатиот македонски поет, раскажувач, романописец Петре М. Андреевски. „Татко ми беше во оваа зграда, во МАНУ (член на Академијата), а интересно е тоа што, кога доаѓав наваму за изложбата, барав да најдам некоја повесела музика на радио и свртев на Македонското радио, а јас обично слушам џез радио… Во тој момент на Македонското радио се рецитираа песни од  него“.

Изложбата ја отвори академик Газанфер Бајрам кој зборуваше токму за демирхисарското село Слоештица, од каде води потекло Сергеј Андреевски, а каде е роден неговиот татко. „Славно место, не само по сирењето, гравот и други селски продукти, туку пославно како расадник на културата на Македонија (писатели, режисери…). Во Слоештица тече еден поток кој е ограден и на него е направена валалница за прекрасните разнобојни слоештички јамболлии. Како што центрифугата го исфрла медот од восокот, така и валалницата исфрли уметници кои од време на време се враќаат и во своето родно место. Авторот на оваа изложба, Сергеј, е од ретките кои добар дел од годината поминува таму. Но, не само да ужива во чистиот воздух и здравата храна, туку тој успеа да направи своевиден културен центар каде што долетуваат уметници од целиот свет“, посочи академик Бајрам додавајќи дека богатството на бои од природата која го опкружува ова рурално место е инспирација за Сергеј Андреевски кој своето одушевување го пренесува на платното. „Сликарството на Сергеј е врзано со природата. Тактилно ги чувствува боите, малку се служи со сликарските алатки. Неговото творештво го карактеризира исконска ерупција на бои која ја доловува моќта на природата што го опкружува и динамиката на животот. За мене тоа е вистинска ода на радоста и восхит од уметноста“, истакна Бајрам.  (Н.И.Т.)