Самостојната изложба на Емил Шулајковски насловена „Сенки во облаците“ ќе биде отворена на 1 октомври, во Чифте амам (20:00 часот). Со оваа изложба, на извесен начин се одбележува и тридецениското творештво на овој автор.

„Не може да се избегне импресијата според која тој го заснова и го дефинира својот карактеристичен ликовен ракопис преку бојата како основен сликарски постулат. Како една од основните карактеристики на сликарството на Шулaјковски за почеток може да ја издвоиме доследноста на константата, која подразбира визуализација на доживувањата преку експресионистичка изразност со боја врз платно, при што ги спојува лирската апстракција и апстрактниот експресивен гест во динамични ликовни форми со пантеистичка животна и уметничка филозофија“, велат од Националната галерија.

Изложбата е составена од пет одвоени циклуси, создадени во периодот меѓу 2022 и 2024, но се претставени и неколку дела од 2019 година, со издвоени наслови „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024), изведени во техниките масло и акрил на платно, како и акварел на хартија, што, од своја страна, претставува увид во еден опсежен творечки континуум, во кој на извесен начин се сублимирани „состојбите“ на емоциите и свеста, односно личната естетиката на создавањето.

„Во обид формалистички да се расчленат и да се анализираат претставените циклуси, работени во речиси ист временски период, ќе започнеме од ‘Градина на задоволствата’, во која разновидните бои се базираат на пастелност и на светлина. Во ‘Рефлексии на моментот’, боените партии сугерираат несвесен виор со форми во различни бои и дрипинг моменти, ‘Трансформацијата на симболите’ е динамичен спој на контрастни јаки бои, кои продолжуваат со асоцијативни форми во ‘Виор во мислите’, додека комплетната сфумато смиреност ја достигнува во последниот циклус – ‘Сенки во облаците’“, додаваат од Националната галерија.

Емил Шулајковски е роден 1969, во Скопје, Македонија, дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Има реализирано 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Силер Сити, Лексингтон, Њујорк и има учествувано на преку седумдесет групни изложби. Неговите дела се застапени во приватни и во јавни колекции, не само во нашата држава туку и во земјите ширум светот. Добитник е на четири национални награди за сликарство.

Куратор на изложбата, која ќе биде поставена до 20 октомври, е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос.