Се верува дека Асма Асад, која се бори со агресивна форма на леукемија, пристигнала во Москва со ќерката и со двајцата синови неколку дена пред нејзиниот сопруг Башар, конечно, да побегне од Сирија. Тајните тунели под замокот на семејството Асад, од каде што избегале тие, беа откриени откако го зазедоа бунтовниците главниот град Дамаск, во неделата. Американскиот Стејт департмент проценува дека семејството има две милијарди долари и дека неговото богатство е собрано во голем број сметки, фиктивни фирми, даночни раеви и недвижен имот. Светот ја запозна склоноста на Асма кон луксузот пред десетина години, кога беа изложени пред јавноста десетици нејзини приватни мејлови, од кои во еден таа барала на Интернет чевли со потпетици од 16 сантиметри, кои чинеле 5.000 американски долари, во време кога ја потресуваа Сирија големи немири
Соборениот сириски претседател, Башар ал Асад, неговата сопруга Асма ал Асад, која е Британка родена во Лондон, и нивните три возрасни деца ќе почнат нов живот во Русија, каде што претседателот Владимир Путин им даде азил.
Кремљ во понеделникот потврди дека семејството добило азил по директна наредба на Путин. Се верува дека госпоѓата Асад, која се бори со агресивна форма на леукемија, пристигнала во Москва со ќерката и со двајцата синови неколку дена пред нејзиниот сопруг, конечно, да побегне од Сирија. Тајните тунели под замокот на семејството Асад, од каде што избегале тие, беа откриени откако го зазедоа бунтовниците главниот град Дамаск, во неделата.
Тие, според странските медиуми, нема да останат без луксузот на кој навикнале во Сирија, кога беше Башар ал Асад претседател, што ѝ овозможи на неговата сопруга да троши стотици илјади долари на мебел и на облека. Американскиот Стејт департмент проценува дека семејството има две милијарди долари и дека неговото богатство е собрано во голем број сметки, фиктивни фирми, даночни раеви и недвижен имот. Семејството има голем имот и во Москва. Се очекува да живеат во луксузните апартмани што ги поседуваат во стаклените облакодери во комплексот „Москва Сити капитал“. Со оглед на богатството што го имаат, се очекува таткото Башар, мајката Асма, синовите Хафез и Карим, на возраст од 24 и 21 година, и 22-годишната ќерка Зеин во Русија да продолжат да уживаат во луксузот што го имале во Сирија. Светот ја запозна склоноста на Асма кон луксузот пред десетина години, кога беа изложени пред јавноста десетици нејзини приватни мејлови, кои покажаа колку сака да троши. Од мејловите, кои прв ги објави британскиот весник „Гардијан“, може да се види дека Асма барала на Интернет чевли со потпетици од 16 сантиметри, кои чинеле 5.000 американски долари, дури и во време кога ја потресуваа земјата големи немири. Иако има британско државјанство, Асма, која ја нарекуваа пустинска роза, веќе нема да може да се врати во Велика Британија.
– Таа е личност под санкции и не е добредојдена овде, во Британија – изјави британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, откако рече премиерот дека е премногу рано да се каже дали ќе ѝ го одземе Владата британското државјанство на Асма ал Асад.
И роднините на Асад, семејството Махлуф, на чело со неговиот вујко Мохамед Махлуф, се сметаат за второто најбогато и најважно семејство во Сирија. Тие, исто така, имаат значителен имот во Русија. За да заштеди десетици милиони долари додека беснееше граѓанската војна во Сирија, семејството купи најмалку 18 луксузни апартмани во луксузниот комплекс во Москва – „Капитал сити“. Облакодерот со кули близначки, кој беше највисоката зграда во Европа до отворањето на лондонскиот „Шард“ во 2012 година, е дом на некои од најбогатите руски бизнисмени, владини министерства, хотели со пет ѕвезди и мултинационални компании. Сликите на становите во комплексот покажуваат луксузни опрема и мебел од висока класа, како и панорамски поглед на Москва. Раскошната зграда сега би можела да стане дом на семејството Асад, кое почнува нов живот во егзил. Инаку, семејството Асад добро ја познава Москва, а најстариот син, Хафез, докторирал физика и математика на Московскиот државен универзитет.
Башар ал Асад и неговото семејство не се единствените бегалци од својата земја кои нашле засолниште во Русија, па нема да бидат осамени во Москва. Од 2003 година таму живееше семејството на соборениот српски претседател, Слободан Милошевиќ. Неговата сопруга Мира Марковиќ почина и беше погребана во Москва во 2019, откако 16 години бегаше од правдата во Србија. Нејзиниот син, Марко Милошевиќ, сè уште живее во Москва. Азилант во Москва е и Аскар Акаев, соборениот претседател на Киргистан, како и Аслан Абашиџе, сепаратистичкиот водач на грузискиот регион Аџарија. Во Русија се засолни и Едвард Сноуден, кој откри информации за тајните операции на САД. Но, Русите не ги примија Ерих Хонекер и неговата сопруга Маргот, кои по губењето на власта во Источна Германија се засолнија во чилеанската Амбасада во главниот руски град, а потоа претседателот Борис Елцин ги врати во Германија. Од Москва во Африка беше вратен авионот на лидерот на Курдистанската работничка партија, Абдула Оџалан, кој побегна од Сирија.
Според руски медиуми, повеќе од 400 странски државјани од „непријателските земји кои споделуваат руски духовни и културни вредности и кои поднеле барање, добиле азил во Руската Федерација“. Најголем дел од нив се од Германија, Латвија, Литванија, Естонија и Канада.