Секој ден бори се за женските права, не само на 8 Март!

141

Поради пандемијата со коронавирусот, речиси сите купуваат подароци само на своите најблиски како што се сопруга, мајка, свекрва, сестра… Оваа година ќе ги нема и традиционалните собиранки по кафеани. Но, затоа, пак, утре традиционално жени и мажи ќе маршираат низ Скопје по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март. Професорката по културолошки студии во Институтот за македонска литература, Ана Мартиноска го поддржува утрешниот марш и вели дека како и секоја година на овој ден, сака да потсети дека дури и еднаш освоените права на жените не им се дадени засекогаш

Утре на глобално ниво се одбележува 8 Март – Меѓународниот ден на жената и по тој повод на сите мајки, сестри, баби, пријателки, девојки, колешки… треба да им се честита празникот со некој симболичен подарок и искрена насмевка, а кој би бил најубав подарок за припадничките на женскиот пол ако не е цвеќето?

Цвеќарите се отворени од денеска и се нуди најразновидно цвеќе за сечиј џеб. Од каранфили, рози, хризантеми, саксиски цвеќиња, до букети и икебани се најчестите подароци кои жените ги добиваат како честитка за 8 Март. Трговците велат дека освен цвеќето како подарок на овој празник се купуваат и некои поситни подароци како што се марами, паричници, козметика…

Поради пандемијата со коронавирусот, речиси сите купуваат подароци само на своите најблиски како што се сопруга, мајка, свекрва и сестра. Оваа година ќе ги нема и традиционалните собиранки по кафеани.

– Јас овој ден го доживувам преку моите деца, ќерките, синот и сопругот кои ми го честитаат. Јас се обидов на моите ќерки да им објаснам дека ова е и нивен празник, на сите жени, а тие еден ден да им пренесат на своите деца што е значењето на 8 Март – вели Нада Б.

Многу жени овој празник не го чувствуваат само како празник на мајки, за нив не е празник и на учителки, туку е буквално празник на сите жени, кои во 21 век сè уште мора да се борат за своето право. Токму поради тоа, и денеска традиционално жени и мажи ќе маршираат низ Скопје по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.

Тие и овој пат излегуваат на улица да ја продолжат вековната борба за рамноправност и ставање крај на родовиот јаз. Тие не можат да се помират со фактот дека во ова време во кое живееме, сè уште имаме жени кои не се заштитени, и во однос на здравство, и во однос на работни услови и особено во однос на претрпување на различни форми на насилство.

Професорката по културолошки студии во Институтот за македонска литература, Ана Мартиноска го поддржува денешниот марш и вели дека како и секоја година на овој ден, сака да потсети дека дури и еднаш освоените права на жените не им се дадени засекогаш.

– Уште од Клара Цеткин и првиот Марш за правата на жената во 1910 година, 8 Март е ден за мобилизација на жените за солидарна акција со цел промена на нивната општествена положба. Како и секоја година на овој ден, сакам да потсетам дека дури и еднаш освоените права не ни се дадени засекогаш. Последните две децении имавме примери на ретроградни процеси и ограничувања на женските права, што бараше од нас нови форми на борба за родова еднаквост и славење на женскоста. Некои битки кои ги освои генерацијата на нашите баби, повторно стануваат актуелни. Затоа денес треба да ги прославуваме сите досегашни достигнувања во прилог на родовата еднаквост, но и да зборуваме гласно за битките кои сè уште не се завршени – од родовиот јаз во месечните примања, преку недоволната застапеност на жените на местата кои имаат одлучувачки карактер, како политиката и бизнисот да речеме, преку нееднаквиот пристап до ресурсите и услугите сè до постојаната стигма и дискриминација на различни нивоа од патријархалната култура во која се уште живееме – смета Мартиноска.

Таа потсети благодарејќи на социјалистичкиот систем, особено по АСНОМ 1944, жените во Македонија во формална смисла ги имаат сите права еднакви на мажите.

– Во тој период по Втората светска војна таа еднаквост првенствено значела масовно вклучување на жените во работните процеси, но за жал, помалку се однесувала на трансформација на традиционално патријархалните културни обрасци кои постоеле во земјата. Жената останала одговорна за домот, децата, возрасните, кујната и таа нејзина „втора смена“ раѓала дискриминација и нееднаков пристап до образование, до можности за вработување, до можности за напредување во професијата итн. Во сите овие години оттогаш до денес борбата за еднаквост на жените продолжува, но за жал сè уште може да се каже дека е „завршена, постигната цел“. Секојдневно сме сведоци дека многу аспекти на еднаквоста ги имаме само на хартија, а реалноста изобилува со предрасуди, мизогинија, сексизам, родово базирано насилство и други форми на родова дискриминација – потенцира Мартиноска.

Со излегувањето на улица тие и оваа година сакаат да пренесат порака до надлежните и релевантните институции и функционери, да го слушнат гласот на жените, бидејќи сметаат дека тие сè уште не се застапени подеднакво и немаат исти можности како и мажите, гледано од секој аспект. Особено ова се однесува за жените Ромки кај кои традиционалното и патријархалното е присутно. Тие веруваат дека жената е таа која треба само да раѓа и да се грижи за семејството и домаќинството. Тоа е погрешно.

М-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ – Битола вели дека ромската жена доживува семејно насилство во поголем интензитет поради двојната дискриминација, поради полот и етничката припадност, но и долгогодишното социјално исклучување од заедницата.

Според истражување на Бајрам Аземовска, ромските жени посебно се подложни кон структурално насилство и се соочуваат со многу пречки при барањето помош, а одредени сложени бирократски процедури за обезбедување документи кои ромската жена не е секогаш во можност да ги обезбеди, често ги оневозможуваат напорите на жените Ромки да си помогнат себеси.

– Во напорите да ги подобрат своите животи и животите на своите деца, ромските жени се соочуваат со бројни потешкотии. Во нивните домови, ромските жени честопати ги искусуваат насилните ефекти од половата дискриминација додека нивните јавни животи се предмет на етничка нееднаквост и предрасуди. Според моите истражувања и усни одговори на жените во врска со пречките за пријавување, тие најнапред го вклучуваат стравот од партнерот, потоа недостатокот на информации за достапноста на службите, патријархалните уверувања за насилството, економскиот и семејниот притисок и грижата за доброто на нивните деца. Жртвите ги загрижува и тоа дека помошта што би можеле да ја добијат би била краткотрајна и подоцна уште повеќе би ги влошила работите по нив и за нивните деца, заради очекуваната одмазда од страна на партнерот – нагласува Бајрам Аземовска.

Според неа, проблемите не се решаваат сами по себе, а податокот дека сè уште се говори за родова еднаквост и борба против насилство, и сè некако околу 8 Март, индиректно потврдува дека досегашните мерки повеќе биле декларативни отколку директни.

– Според моето истражување, многу жртви на насилство чувствуваат дека да се биде добра жена, добра сопруга или добра мајка, значи таа да се жртвува за семејството и да трпи насилство – нагласува Бајрам Аземовска.

Во едно од истражувањата на организацијата „Една може“, над 4.000 жени тврдат дека дискриминацијата на општеството му служи како алатка за дисциплинирање, терање кон покорност, послушност или веднење на глава.

(С.Бл.)