Секое трето возило во државава има зелена карта

151

Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милион евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност, како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (познато како зелена карта), граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжително автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовки на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување, што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ.

Граѓаните, компаниите и институциите осигуриле речиси 351.000 возила (патнички и товарни возила, автобуси, мотоцикли, трактори, приколки и специјални возила) во периодот јануари – јуни годинава. Вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022, покажуваат прелиминарните податоци што ги достави Националното биро за осигурување (НБО) до Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Во првите шест месеци, сите 12 осигурителни компании издале над 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 мил. евра) за преземање на ризиците. Податоците на НБО покажуваат дека во првата половина од годинава, бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност пораснал за 6 отсто во споредба со тој период во 2023 година.

Секое трето осигурено возило има и зелен картон, осигурување што овозможува возење во странство. Во првите шест месеци, сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса , односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во тој период лани. Но, од друга страна, вложувањето во зелена карта годинава е за 4,5 отсто повисоко од тој период лани.

Зелената карта е осигурување што служи за обесштетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај, осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.

Само за споредба, за цела 2023 година, граѓаните, компаниите и институциите купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во  осигурувањето од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил. евра).

НБО е организација основана од осигурителните компании, која има законско овластување да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и на корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. Воедно, НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.

Во Македонија, законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени, кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна, стручна, интерресорна комисија во која членуваат претставници на Министерството за финансии, НБО и на АСО.