СЕИРЏИЈА, Љубомир Јованоски-КАРА: Мечката…

181

Планината има многу „спортови“ ама некои од нив се и повеќе од тоа. На пример, собирањето дрва или собирањето костени. Двете имаат заеднички именител: мечката. Ако некој мисли дека собирањето дрва е економски исплатливо иако притоа се вложува многу напор, тогаш нека проба да го направи тоа. Кај луѓето постои едно непишано правило кое вели дека ако сакаш да надитриш и да навлечеш некого, тогаш испрати го да собира дрва. За костените е малку полесно.

Оној што наумил да собира дрва за да помине поевтино, најпрвин треба да обезбеди луѓе кои ќе му помагаат односно работна сила. Притоа, смета на заштеда, ама секогаш испаѓа поинаку. Домашниот есап надвор е секогаш повисок. Храна, пијачка, транспорт до местото на експлоатација. Згора на се, ревирите, шумарите или шумската полиција. Можеби некого ќе треба и да нагостиш ако си ги прекршил правилата. Во секој случај при товарењето треба да се ангажира и дополнителна сила.

Собирањето дрва има и свои перипетии, случки за помнење. Некогаш или најчесто смешни, некогаш или поретко, за заборав. Во сите тие сеќавања на учесниците на ваквите настани, мечката има посебно место. Но… ајде да се обидеме да откриеме зошто е тоа така. Воедно и да внесеме малку расположение и ако може голтка смеа во технолошко-индустрискиот менталитет на современиот човек. Се разбира, тој, неговото височество материјална молекула, делува како тмур на кој не смее да му се стапне на патот на реализација на зацртаните амбиции.
*
Октомври. Време е да се искористат последните дни од златната есен за да се соберат костените. Кориите врват од луѓе. Стопаните ги прибираат плодовите од стеблата. Годината е плодна, па има и за „термитите“ кои ќе стасаат на терените веднаш по бербата. Тоа се посиромашни семејства од градот и околината, а има и млади кои се движат по планинските патеки каде што спортуваат. Некое „живо“ костенче меѓу пожолтените листови на почвата ќе им влее дополнителна сила за искачување.

Време е за „термитите“ – така ги викаат селаните и не им е ниту на крај од умот да ги спречат да собираат пабирок. Но тоа не значи дека по некогаш некој од нив не сака и да се пошегува со нив. Посебно ако натрапниците откријат некоја земунка во која се запретани костени сосе ежунки кои стопанот не успеал да ги префрли долу во амбарот. И, се случува – мечката. Од горните делови на брегот, мајтапчијата се тркала како да е спомнатото животно и руе на сиот глас.

Засипнува ама и застрашува. Имитира совршено. „Термитите“ се даваат во бегство. Ама нема никакви пречки иако теренот е и пеколно стрм и полн со длабоки засеци. Море како да добиваат крила. Дури таму некаде при дното од ридот, на самиот селски пат, можат да здивнат. Потоа, право дома. Некој од нив имаат прилика да се уверат дека со нив е теран мајтап но некои никогаш нема да го дознаат тоа. Убедени дека сретнале мечка, со својата приказна влеваат страв кај пријателите кои спаѓаат во нивната бранша.
*
Имаме и случај на јулска горештина. Работната сила ја сочинуваат тројца пријатели и соседи. Еден возрасен човек и двајца млади. Искуство и младост. Триесет кубици бела бука за трите семејства во долот под планинскиот врв. За планирани четири дена, крупните облинки што претходно ги исекол нивниот роднина, треба да се извлечат на рамниште. Таму ќе се формираат камари, а потоа следи товарење во камион.

Наоколу, роеви од комарци. Популарни москитоси кои се закануваат со досадно зуење и со своите рилки. Влагата во долот си го прави своето. Дишењето е отежнато, дрвата сурови, тешки, а нагорнината и до 45 степени. Па сега, бујрум!
Се впрегнаа мажиштата, младите повеќе ама без техника, возрасниот со разум и умеење. Ги советува младите ама тие усвитени глави – секој по свое. И бргу капнуваат, ама младоста брзо силата ја враќа.

Најпосле доаѓа и време за одмор. Пладне е, а сонцето без милост тепа и низ лисјата од буковите стебла. Треба да се побара дебела сенка каде ќе може да се касне и да се врати силата за остатокот од денот. Малку се и три леба со килограм овчко сирење, сувомесни производи, маслинки. Пивата се ладат во блиското изворче. Испотени се од студената вода – кондензираат. Малку треба да се попричека за да се остинат бидејќи може лошо да се одразат врз организмот кој е врел.

После ручекот, одмор. Возрасниот човек и помладиот од двајцата млади, легнати се под едно криво стебло кое е надвиснато над нивните глави. Планинска свежина, замор, пој на птици – брзо ги краде сонот. Постариот од младите, лежи на страна и малку се досадува. Всушност, со очите впива од амбиентот со кој се окружени. Убавина, извор на поетска инспирација ама и за мајтап.

– Опасност, станувајте! – грми со преправен глас кој наликува на животински рев.
Скокаат како попарени. Страв и паника. На возрасниот дури и не му се тешки годините. Вџашено гледаат на сите страни. Исчекување.
– Што се случува? – најпосле прашува помладиот од младите.
– Налет да ти биде! – вреска возрасниот.
– Што си помисливте? – мајтапчијата слатко се смее.
– А, бре… јас помислив дека стеблото паѓа врз нашиве глави – признава помладиот од младите.
– А јас… бев убеден дека е мечката! – зборува постариот и ниша со главата. – А, бре, магаре низаедно. Ме префркна!

Наместо четири, се сторија седум дена. Се случи да одат на местото по дрвата со камион. Од летната бура, неколку џиновски стебла го попречиле патот и ништо од работата. Се случи уште еден малер. Пробивајќи се до местото на кое беа камарите, на помладиот од младите му се загубија 150 евра па сега види му го есапот. Сепак, другарите ќе му надокнадат.

– Има и бетер – им кажува и си се смее на судбината.
– Како тоа? – го прашува возрасниот.
– Е, па, така. Минатата година, со мене дојде еден братучед за да ми помогне.

Немаше повеќе од петнаесетина. Го пративме да донесе храна од местото каде што ја криевме од птиците и мравките. Ненавикнат на тешка физичка работа, изморен до капнување, посакал да се напие струмка. Кутриот, не знаеше дека во некои од шишињата носевме масло за пилата со која расчистувавме некои паднати стебла. Се изнаповраќа!

Со втората тура, се приближуваа до пунктот каде шумарот треба да ги обележи дрвата. Вознемирени се од средбата бидејќи под потенките цепеници, има технички дрва со голем радиус.

– Ене ја! – грми мајтапчијата.
– Мечката? – во еден глас извикнуваат возрасниот и помладиот од младите. – Е, нема да не измамиш повторно!
– Аха! – посочува со показалецот. – Погледнете!
– Еј, па тоа е шумарот!
– А мечка, а шумар, тоа ти е едно исто! – се смее мајтапчијата. – Само, од оваа ни нема спас!

Гостивар, 2019