– Готово е, ја наредивме – радосно заклучи момчето.
– Прекрасна е – рече воодушевено девојчето.
Братчето и сестричето се прегрнаа, а потоа ги прегрнаа и родителите. Следуваше семејна фотка и споделување на радоста. Елката требаше да биде симбол на празниците кои доаѓаа. Првин Нова година, а потоа и Божиќ. Елката беше симбол и маскота на магичната тамосфера. Се разбира заедно со рубата што ја носеше на себе.
Нова година помина во најдобар ред. Вечерта на Бадник, молсна со нов сјај. Братчето и сестричето ја накитија со дополнително купени лампиони и низа од волшебни сијалички. Семејството најпрвин замина во црква, а потоа го одбележаа Христовото рожденство во својот дом.
– На починок – викна таткото, – веќе е полноќ.
– Така е, дечиња – се надоврза мајката, – утре треба да бидете одморни.
Дечињата малку се побунија ама немаа каде. Впрочем, очињата им се затвараа, а сонот им тропаше на кепенците (очните капаци).
*
– Позаспаа сите – се слушна глас од врвот на елката. Лампионот висок како кула, демнеше на сите страни. – Расправата може да почне.
– Добро е што ни ги оставија запалени сијаличките – се јави еден од малечките помошници на Дедо Мраз. – Знаете… заради атмосфера.
– Расправата може да почне – се јави повторно лампионот кула. – Ќе ве замолам да бидеме парламентарни и без навреди едни кон други. Празниците се за проштевање и помирување. Знаете дека имаме слободна тема. Ова е прилика секој да си го каже она што му лежи на душата. Нема санкции нема цензури.
– Ние од десната страна го носиме најголемиот товар за време на празниците – се јави една бела снегулка. – Молскаме многу повеќе од опонентите од левата страна на нашиот прекрасен дом и со тоа ги наметнавме нашите аспирации за идно владеење.
– Прво, ти никогаш не светна бидејќи си од пластика – од спротивната, лева страна на елката, се јави сјајна црвена ѕвезда со ангелски лик. – Второ, не сме ние виновни што малиот Марко го префрли поголемиот дел од низата светилки на неговата страна од елката што ја закитуваше. Би рекла дека станува збор за нелојална поддршка.
– Што се однесува до тоа кој повеќе свети и допринесува за поубава празнична атмосфера – се јави Снешко од десната страна на елката, – ќе речам дека нашата страна на величествен начин и со прекрасна колоратура го одбележува денот на Христовото раѓање. Погледнете до каде допираат нашите зраци. Кај вас како да забележувам појава на сенка.
Еден крупен црвен лампион исткаен од нежни стаклени влакна, налутено се заниша и предизвика силен потрес со што го навлече гневот на оние од десната страна.
– Молк! – вресна и наметна тишина. – Кај нас владее дисциплина, ред и поредок. Под превезот на целосна слобода и некои си наметнати права, вие личите на распашана банда. Можам со вас да се сложам дека ние повеќе светевме за Нова година, а дека вие тоа го потврдивте на Бадник, односно вечерва.
– Уа, левичари! – вресна еден од помошниците на Дедо Мраз од десната страна на елката. – Ако ние сме распашана банда, тогаш за вас демократијата е вселена. Мислам дека вие сте без перспектива и дека вашето заврши. Се разбира, уште сте способни да ставате сопки со помош на поддршката што несвесно ви ја дава Марко.
Во еден момент, од некаде допреа моќните тонови на Ерихонските труби кои предизвикаа силни потреси и кај левичарите и кај десничарите.
– Јас сум Џошуа кој по легендата, со голема упорност и постојано дувајќи во суфар (рог, народен инструмент), успеав да ги урнам тврдините зад кои сега метафорички се сокрива корупцијата. Знам дека помалку или повеќе, таа е плод на досегашното владеење. Со тоа, таа стана дел од секој иглолист на елката. Не го предизвикувајте мојот гнев оти нема добро да ви се пише.
– Но тоа не значи дека ти си ослободен од голем дел на вината за ширење на оваа тешка епидемија – се јави лампион – мудар старец кој гравитираше некаде на средината од божиќното или новогодишното дрвце. Иако сме мали, иако сме приврзок на секоја владеечка гарнитура што има лажен сјај со кој тука се фали, имаме информации од која страна стасаа тоновите од трубите кои шепнаа за некои суптилни системи кои му служат на системот да си ги контролира поданиците.
– Се чини дека го провоцираш својот опстанок. Еднаш приврзок не секогаш приврзок! – се закани Џошуа.
– А што со нас? – од спротивната страна на сталажата на која се наоѓаше елката, беа распоредени ситни играчки кои немаа сопствен сјај но беа прегрнати од повеќе низи со сијалички. – Каде се нашите заслуги? Ние не можеме да владееме но затоа сме коректори на власта било на левите, било на десните.
– Ова се граѓански здруженија кои никнаа како печурки после дожд – одекна длабок глас, а потоа низ салонот се рашири маглив превез со лик на белокос старец. – Тие се постојани и никој од нив не бара да запрат со нивните критики. Но, резултатите се такви какви што ќе имаат амин и благослов од власта. – Ве слушав сите. Ние сме дел од празнични атмосфери. Мене ме нарекуваат „добриот божиќен дух“ . Внимание, некој се погрижил за вкусно аранжирање. Ние сите сега зрачиме со сјај кој што ги опива сетилата. Вие тука, се обидувате да ги емитирате луѓето. Веројатно на вас влијае телевизискиот екран на кој нашиот драг газда упорно ги гледа преносите од политичките емисии и преносите од нивниот парламент. Не купувајте се пред добро да размислите. Запомнете добро, ние сме магија. Тамошната епидемија никако не смее да биде дел од нашата магија оти во тој случај од пораките на празниците нема ништо. Обидете се во тие денови да бидете весели, чисти во душата, пријателски настроени, со повеќе доблест, со малку негативна енергија. Мислете на сиромашните и обесправените, помалку на луксуз. За да ја доловиме празничната атмосфера, нема место за леви, десни, центристи и не знам какви се не облици на здружување. Се надевам дека еднаш, тие таму, ќе можат да земат урнек од нас и нашето однесување. А сега, да не слушнам ниту глас бидејќи дојде мигот кога Бадник го најавува Божиќ.
На елката, весело се разиграа и левите и десните. Центристите им упатија честитки и на едните и на другите, а потоа и на здруженијата. Атмосферата целосно се промени. Сијаличките сјаеја повеќе од било кога. Колоратурата се прелеваше во бранови освојувајќи ја темнината. Во далечина, се слушнаа ерихонските труби најавувајќи го Рождеството Христово.
Домаќинот го запали светлото.
– Деца мои, тврдите дека имаше врева?
– Тато, како да слушнав силна караница – рече малата Кики, а Марко потврди со главата.
– Сигурно ви се причинило – таткото ги погали по главчињата. – Знам дека оваа ноќ е полна со волшебства. Празниците не се за караници.
Но само што излегоа од салонот, почна нова сесија од кавги помеѓу левите и десните и сите околу нив. Празникот дојде и полека се повлекуваше, а се си остана по старо…
Гостивар, 2018