СЕИРЏИЈА, Љубомир Јовановски-Кара: ПАТАЛЕЦ

208

– Повелете, господа, повелете – ги чека наместена насмевка на човек кој по ништо не може да се дефинира. Би се рекло, безлично лице, отсуство на чувства, исклучителна практичност и поистоветеност со она што е тренд, прилагодливост, едно зборува – друго прави, бирократска институција, менаџер.

Во луксузната конференциска сала влегуваат еден по еден, членови на новиот кабинет. Тие се поклонуваат пред шефот. Стеснети се, збунети, просто изгубени во луксузот. Одговорноста е голема бидејќи треба да се биде мандат, а можеби и повеќе во служба на народот, на партијата, на државата. Протоколот ги распоредува. Тишина, мртва тишина. Сите погледнуваат кон шефот кој треба да ги организира и предводи и на кого е падната најголема одговорност.

– Господин министер за земјоделие!

– Повелете, господине!

– Вашето видување за ресорот со кој сте задолжени.

– Па… вака – со надворешниот дел од дланката, министерот го трие носот. – Од десет кртоли семе од растение збиено во гнездо под земи, добиваме околу 55 тони на хектар. Семе од домат што расте на катови, дава плодови тешки до 190 грама, хибридни сорти…

Шефот ја крева дланката:

– Доволно е. А сега да го слушнеме непосредниот производител што е поканет да присуствува на оваа седница. Повелете, господине.

– Не сум господин туку селанец – човекот станува од местото за да го видат и за да го привлече вниманието за она што сака да го каже.

– Хибриди, хибриди, приноси, хемиски средства за одржување, жолти полжави кои нивите за неколку години ни ги претворија во пустош. Знаев дека ќе сакаат да го убијат нашето старо семе кое е со вкус и со се што е потребно за да се касне со младо сиренце без системски параметри. Впрочем, исто како и со талијанките, граорките и црните јарки кои моравме да ги исчистиме по налетот на таинствениот птичји грип. Бевме принудени да ги малтретираме кокошките да носат и дење и ноќе со системот со кој ноќта им ја правевме ден. Во овој случај, затаи и друштвото за заштита на животни.

– Благодарам на пораките што ни ги испраќате од теренот. Впрочем, вие сте носителите на животот, производители на храна без која нашиот опстанок ќе биде загрозен.

– А вие би можеле да престанете со интервентни увезувања на се она што кај нас ќе го загрози вистинско богатство со кое располагаме, господине, а тоа е органската храна. Освен тоа, јас би можел да зборувам и во име на сточарите, овчарите…

– Доволно е, доволно…

– Ама не е доволно! Се што беше наше изворно, не чини и не одговара на светските стандарди за производство на храна. Кашкавалот да ти бил многу мастен. Исто е и со сирењето. Калапите не се калибрирани и тоа е вистинско загрозување на светскиот пазар. Јаболката имаат сјај, немаат вкус. Каде е старата тетовска сорта?

– Ама доволно е…

– Ама не е доволно, господине. Еве, нашите котлини, долини и рамнини се претворени во индустриски зони, фабриките немаат средства за филтри, реки од автомобили. Старите знаеле дека полето ги храни, па куќите ги правеле во ридовите. Ние се обратно. Потоа, загаденост и увоз на храна. Нормално. Најдобро е да се пласира нешто од кое подоцна стануваме зависни, па на такво дарежливо семе, ќе треба вакви или онакви лекови, хемиски препарати и разорани ниви од страна на жолти или кафеави полжави. Од нив нема каде нога да се стави.

– Сето ова е внесено во записник, господине. Ние како нов кабинет, ќе дадеме се од себе да прифатиме голем дел од вашите сугестии. Но сега навистина мислам дека е доста.

– Ама не е доста, господине! Да ви зборувам малку и за туризмот. Оној селскиот што постојано се пропагира, а од него ниту траг. Во уредите на министерството се поставени луѓе за кои кога ќе им се обратите, селото е мислена именка. Освен тоа, каква туристичка понуда кога тие ниту еднаш или ретко излегуваат на терен? Неодамна еден од нив не може да се изначуди каде е црквата во Бродец стара век векова и дали воопшто постои манастир таму и таму. Ме прашуваат дури и колку километри има од Маврово до Галичник и каков е теренот, какви се патиштата на зима или на лето. На верските објекти им предложив дискретно да постават апарати со кои верниците ќе донираат средства на определени жиро-сметки за да не се случуваат чести кражби, а одговорните ми велат дека арамиите ќе ги украдат и нив.

Мандатарот се замисли. Тој беше импресиониран од познавањата на човекот кој не беше дел од неговиот кабинет.

– Што велиш да те прибереме како советник во некои од нашиве министерства? – падна предлог.

– О, благодарам ама јас немам школо.

– Немаш школо ама имаш искуство и тоа многу ќе ни значи.

– А, не. Не сакам да ме тргнете од нивите и од шталата, од трлото и од природата со чист воздух.

– Па тогаш… зошто се буниш и изнесуваш свои видувања пред нас? Твоето повлекување, значи уфрлање на човек кој нема ниту процент од твоето знаење. Впрочем кој си ти што располагаш со толку знаење за овие вечни проблеми на нашите кабинети?

– Кој сум јас? Јас сум паталец, човек заглавен до колена во нивата, сточар кој се грижи за својата стока, селанец кој сака по секоја цена да сочува барем нешто од старите домашни семиња, човек кој сака кокошките да носат секој втор или трет ден со добро изградена калциумска обвивка на јајцата, гласот на народот…

– Доволно е, мислам…

– Ама не е доволно, човеку!

– Е, сега веќе си и дрзок!

– Се обидов да ви ги отворам очите. Секој од нас треба да го сочува она што навистина вреди, да прифати и туѓо но ако е квалитетно, а не само профит, да не топи чварки од висмениците туку од катмерите сланина и да ја сочува питомината на поднебјето во кое растеа генерациите. На времето, во моето село кое броеше над 2000 жители, имаше само еден болен од срце и ниту еден од канцер. А сега? Сега најмалку 200 од 1000 жители, во себе носат „писки од врба“ или во модерен жаргон, стентови. Од мене толку, а вие понатаму, знам како ќе постапите. Увозот ќе ви овозможи подем на здравствените потреби, фармацијата богати понуди, индустријата машини за полесна обработка на нивите на кои подоцна ќе никнат жолти или кафени полжави и тие ќе изгнетат се што ќе порасне. Потоа, нов увоз од хемиски препарати и ајдееееееее, седете ми со здравје!

Штама. Ниту здив ниту збор. Кабинетот занеме.

– Кој беше овој и кој го донесе тука?

– Јас… – процеди министерот за земјоделие и…- ама се сторив пишман. Овој одлепи. Не беше вака договорено…?

Гостивар 2019