СЕИРЏИЈА, Љубомир Јовановски – КАРА: Калеидоскоп

220

А како да се почне кога понекогаш ќе ги почувствувате симптомите на авторска блокада? Се разбира, ќе почекате да мине кризата, ќе прошетате и од вашето најблиско па и подалечно опкружување, ќе „купите” предизвик кој би можел да ја разбие омаеноста и апатијата во која се тоне одвреме-навреме.

На тој човек му се случи како во горниот опис. Бидејќи таа состојба траеше и траеше, немаше каде туку веднаш да стане од работниот стол за да побара миг на инспирација. И тоа се случи. Во рацете му падна весник во кој прочита натпис за вечниот бренд Мулен Руж или Црвената мелница и неговата магија. Кабарето изградено во 1889 година и ден-денес е на листата на туристичките магнети на Престолнината на светлината – Париз. Заедно со блиските булевар де Клиши и локациите на Монмартр, светот на уметноста и Пигал, светот на забавата, Мулен Руж е светот на уметничките збиднувања. За него се снимени дури 6 играни филмови, а славниот Тулуз Рири Лотрек со својата рака и сликарскиот прибор во неа, ги овековечил случувањата во тој „театар на уметноста и боемштината”. Во другата рака секогаш држел чашка.

Во квартот под ридот (се на се 130 метри височина) во една од многубројните мансарди (потпокриви), престојуваа Бато и Виктор. Уметници во душа и по душа, успеале да добијат државни стипендии на сметка на нивните докажани предиспозиции и вредности.

Бато, единствено машко во семејството. Останатите сестри. Единец и Виктор. Но тој нема сестри. Пријатели се од самото детство. Живееле во едно маало, играле исти игри, ги делела само постелата и ноќта, имале исти афинитети. Двајцата донеле цврста одлука да студираат сликарство. Париз како сон и како достижна цел. Трет кој им се придружува илегално во Париз, е Веле. Тој е човекот што по препливањето на Јадранско море се обидел лепчето да си го заработи како атлет во римското филмско студио Чинечита, а потоа и како товарач на пристаништето во Марсеј. Бидејќи во мансардата имало само еден кревет во кој спиеле Бато и Виктор нозе со нозе, Веле морал да спие на подот. Тешко време, сиромаштија.
Веле и Виктор знаеле за една мала тајна за нивниот цимер Бато. Неговата мајка го доела дури и во постари детски години. Како дванаесетгодишник ќе излезел на големиот одмор за да ја задоволи својата потреба. Сето тоа преминува во навика па често пати Виктор се будел и го гледал Бато како бара цуцла. Дошол на идеја како да се пошегува со цимерот и истата му ја пренел на Веле. Бидејќи Веле бил човек со исклучителен дух, а згора на тоа сакал малку и да си ги одмори коските од подот, веднаш се согласил. Речено – сторено.

Првата наредна ноќ, откако Бато заглавил во длабок сон, Виктор внимателно му го ставил показалецот од ногата во устата. Бато малку се помрднал, си пуштил неколку рапави тонови, а потоа го прифатил прстот со задоволна насмевка на усните. Навиката повторно воскреснала. Изутрината, Виктор го буди Бато и наводно се расправа со него бидејќи прстот му е скиснат и обелен. Сето тоа го набљудува Веле и слатко се смее. Сиот збруштен во лицето, Бато скока од креветот и се извинува.

– Од денес па натаму, спијам на под! – изјавува гневно и излегува.

– Немој да си се обидел и мене да ми го направиш истото! – капе од смеа Веле.
*
Каталонија. На едно дваесетина километри од Барселона, треба да се смени масло во голф. Еден од тројцата патници од експедицијата која патува низ Европа со два автомобили, се нафаќа да го направи тоа. Запираат на првата слободна ливада. Таму треба и да се олеснат, нели? „Мајсторот” е веќе подготвен да го исфрли старото масло за на негово место да внесе ново. Арно ама, наместо шрафот кој треба да се одврти и да му овозможи маслото да истече, нашиот мајстор се фаќа за штопната од менувачот. Маслото истекува но при обидот да внесе ново во лежиштето, доаѓа до сознание за сторената грешка. Поправо, во менувачот може да се стави ново масло само под притисок и со пневматска алатка.

Сопственикот на автомобилот кој е внимателен човек што се однесува до негата на возилото, изваден е од памет. Тој ги крева нервозно рацете во вис и шета како лав во кафез. Ама, лутината минува. Станува збор за стари пријатели и партнери кои заеднички делат и арно и зло на оваа турнеја. Ја чаре? Излезот е повик за посебно возило кое ќе ги транспортира до првиот автомеханичарски сервис. Дваесетина километри, еднакви на 50 марки и згора на тоа, наплата за услугата на сервисерите.

Патнициве се обидуваат да објаснат во што е работата ама ниту тие добро владеат англиски, ниту мајсторите кои се вртат околу автомобилот и си ги чешаат главите. Најпосле, вистината излегува на видело, а дебелиот Шпанец кој ја предводи екипата занаетчии, ги шири рацете кон небото и гласно прашува кој е сторителот на делото. Тројцата патници го посочуваат „стручното лице”.

– Ааааааааа, куранте мајстор! – изјавува гласно дебелиот и се повива од смеа.
Во следниот миг, кикотот ја исполнува работилницата. Се смеат и патниците иако парата што ќе ја остават им ги скусува оброците.
*
Овој пат, не е ниту Париз ниту Барцелона, ниту минато време туку сегашност. Тројца цимери – студенти. Двајца со стан на “Рузвелтова”, еден на “Орце Николов”. Двајца со велосипеди, третиот пешак. Велосипедите мошне квалитетни; едниот „каприоло диаволо”, другиот „каприоло монитор”. Пешакот, Владо по име, се токми да ги надитри бидејќи го потекуваат од фалење.

– Димче, што велиш да му го дигнеме „диавлото” на Благојче?

– Арно ти текна – се согласува радосно сопственикот на „мониторот”.

Малку потоа истата понуда и за сопственикот на „диавлото”:

– Благојче, што велиш да му го „мавнеме” велосипедот на Димче?

– Арно ти текна оти има голем чалам.

Димче и Владо се цимери на “Рузвелтова”. Сопствениците на велосипедите своите превозни средства ги чуваат под клуч во ходниците од зградите. Но тоа не е никаков проблем за момчето што го замеси овој водвиљ бидејќи ги знае шифрите и од едниот и од другиот. Момците го услужувале. Двајцата заминуваат на “Орце Николов” и го крадат велосипедот на Благојче. Сокриен е во нивниот подрум на “Рузвелтова”. Потоа истата „операција” и за Димче. Овој пат, неговиот велосипед е сокриен во подрумот од зградата на Благојче.

– Исчезнале велосипедите – загрижени се Димче и Благојче. Велосипедите ги нема ниту во едниот, ниту во другиот подрум – Ова…да не е некоја твоја ујдурма?

Ти Владо ги знаеше шифрите на бравите. Зборувај пред да пријавиме во полиција.

Владо е вџашен. Тој признава и ги разоткрива и двајцата кои учествувале со него во валканиците.

Полицијата ги пронаоѓа уште истиот ден бидејќи ноќта се случиле големи кражби и на Николов и на “Рузвелтова”. Посрамени, пријателите не можат да се погледнат в очи.

– Ѓаволот ниту ора ниту копа, дечки – најпосле, Благојче е тој што го разбива мразот. – Добро е што добро се заврши!

Авторската блокада исчезнува. Авторот е задоволен. Мулин Руж спотна идеја за еден сплет на доживувања. Секогаш има нешто што ќе ја поттикне смеата. Само да нема играчка-плачка.

Гостивар 2019