СЕИРЏИЈА, Љубомир Јовановски-Кара: Зошто ми е мил А. Форд

927

Хронолошката низа од слики, меѓусебно поврзани со дејствие, позната е како креативен облик на уметничко видување – стрип. Името доаѓа од американскиот израз „комик стрип“ и буквално значи смешна лента. Денешните стрипови се надградба на Египетската книга на мртвите, римскиот Трајанов столб или графичките сатири на Вилијам Хогарт. Дури во 19 век, стрипот заличил на она што визуелно е денес. Европските и американските илустратори го претвориле во вистински мас-медиум за конечно во 20 век да добие третман на „деветта уметност“.

Патем, постојат неколку еминентни стрип школи. Една од нив, која го заслужува вниманието на „стрипаџиите“, е француско-белгиската. Нејзини предводници се Андре Франкен, Фред Функен, Жиже, Морис, Жил, легендарниот Машеро и нивните славни стрип-јунаци Белиот коњаник, Џери Спринг, Таличниот Том, Гастон, Крцко, Дан Купер, Астерикс и Блубери. Нивните ривали од другата страна на океанот биле славниот Алекс Рејмонд со неговите Флеш Гордон и Рип Кирби, Фолк Ли со Фантом, Волт Дизни со неговите јунаци Мики Маус, Гуфи и Доналд паторот, Френк Робинс со Џони Хазард, Милтон Каниф со Брик Бредфорд и Тери и пиратите и конечно Суперхероите на ли Фолк и Марвел. Автори кои во почетокот работеле самостојно, но подоцна биле инкорпорирани во големите издавачки куќи, биле Хуго Прат со неговиот легендарен Корто Малтезе, Јаковити со Коко Бил, Дон Лоренс со извонредниот серијал за Далечната планета, Херман Ипен со Џеремаја. Интересно е дека со нив, рамо до рамо, била и југословенската стрип-школа со легендарните Андрија Мауровиќ, Владимир Делач, браќата Нојгебауер, Јулиес Радуловиќ, З. Фуртингер како и емигрантите од некогашниот СССР во Белград, Владимир Соловјев и Ѓорѓе Лобачев, Бранислав Керац, М. Добриќ и нашиот Филипов…

Некаде во далечните 70-ти години од минатиот век завршува прочуената едиција на загрепски Плави вјесник „Супер стрип“ со Мадоковите јунаци, наредникот Ајронсајд, Фроло и Баракуда, Пајакот…

Бидејќи оваа стрип-едиција беше многу популарна на тогашните простори, стрипот кој требаше да ја покрива во наредниот период, не влеваше надеж да биде достојна замена. Стрипаџиите се чувствуваа разочарано. Но, се случи вистинско чудо! Новиот антихерој Алан Форд (ликот беше земен од познатиот британски актер Питер О,Тул) на Лучано Секи – Макс Бункер како сценарист и Роберто Равиола – Магнус како цртач, се претвори во мошне успешна пародија на славниот Џемс Бонд во тогашниот биполарен свет. Неговата премиера, во тогаш респектабилната и либерална СФРЈ, се случи при крајот на јуни 1971 година. Некои податоци ја потенцираат 1972 година. Но, сеедно.

Стрипот Алан Форд, на кого не му процветаа рози надвор од домицилната Италија (во Франција и Бразил згаснал по издадени неколку епизоди), вистинска ренесанса доживеа во Југославија. Се разбира дека заедно со мојот пријател – стрип-колекционерот Боро, веднаш го купивме првиот број на Алан Форд. Во секој случај, половина век постоење е навистина за почит, а Алан Форд и денес е скапоцена стрип-книшка и за младите генерации.

Е, сега, ајде да објаснам зошто ми е мил синоокиот Форд и дружината ТНТ на Бројот 1. Треба да напомнам дека првпат се сретнавме со „чуден“ ноар (мрачен) стрип со многу изразени сенчања и темни површини, со ликови кои беа антиподи на јунаците со кои се среќававме. Едноставно, стрипот беше црн хумор и успешна пародија на подземјето на Њујорк. Подоцна со својот раст и популарноста, оваа стрип пародија се претвори во глобална слика на капиталистичките општествените системи со сите доблести и мани. Ова е можеби одговорот зошто Западот не ја прифати серијата за Форд и дружината ТНТ. Од наивни тајни агенти, цвеќарите се претворија во најголема антитерористичка и антизлосторничка организација со силни врски до највисоките политички кругови. Моќниот ум на метузалемот Број 1, беше вистински регистратор на гревовите на политичките и воени првенци од естаблишментот, кои потоа ги користеше во разоткривање на нивните валкани игри. Со јасно издиференцирани карактери и можности на членовите на групата ТНТ (експлозив тринитротолуол), предводена од наивната душичка и правдољубивиот Алан Форд, на чудесен начин ги решаваа и најзамрсените валкани игри на елитите во име на правдата и праведноста. Нарацијата на посебен начин ги опишуваше аномалиите на општеството и целата структура на неговата организација. Акцентот паѓаше на разликите од двата света во состав на едно општество во кое беа силно издиференцирани социјалните разлики. Алан Форд не беше само стрип. Тој, пред сè, беше успешна сатира која носи заклучоци, подгрева горделивост и бунт против естаблишментот, бара решенија за спротивностите, инсистира на вистински човекови права. Се разбира, кој како гледа на сето тоа.

Во борбата со воениот врв (генералот Вар – презимето асоцира на воена сила) носител и извршител на сите конспиративни акции, вклучувајќи ја и илегалната продажба на оружје преку сомнителни зделки, против лесно поткупливите и недораснати за функцијата што ја вршат централни и локални политички првенци (трите прасиња како градоначалници на Големото Јаболко – Њујорк – сетете се на Орвеловата фарма), како и против мрачниот свет на гангстерското милје, активно учество земаат сите членови на ТНТ, па дури и кучето Носле.

Во овие акции од „исклучителна“ општествена важност, на Алан Форд друштво постојано му прават енергичниот и секогаш подготвен за кавга Боб Рок, пропаднатиот австроунгарски иноватор Грунф, елегантниот лорд со сомнително педигре сер Оливер, кој патем има малку подолги прсти, главниот шеф со смешно име кое не сакаше ниту да му го спомнат, секогаш болниот Еремија, кучето Носле и папагалот Клодовик. Тоа е екипата која одбележува половина век дружба со своите читатели. Јубилеј за помнење.

Ќе повторам дека стрип-магијата ТНТ и Алан Форд, не беше и не е прифатена до денешни дни на западната страна. Беше актуелна претпоставката за „субјективниот“ пристап во описот на аномалиите на капиталистичките општества. Имаше податоци дека овој стрип е творба на болни комунистички умови со единствена цел пропаганда против просперитетот на граѓанските општества. Ние, пак, граѓаните сместени во безбедната благосостојба на „рајот“ насаден помеѓу двата воени блока, со посебно уживање ги голтавме општествените аномалии и опасните авантури во кои упаѓаа членовите на групата ТНТ, оправдувајќи ја нивната борба.

Но времето си го кажа своето. И наместо „Америка и Англија да станат земји пролетерски“, се случи сите држави од зад „железната завеса“да го прифатат капитализмот како единствен систем на благосостојба. Сите без двоумење поитаа да го остварат својот „американски сон“.

Алан Форд и ТНТ траат и уште ќе траат бидејќи се хранат од аномалиите на општеството кои се сè поизразени. Ако во себе имате барем малку чувство за откривање на магијата, која доминира низ страниците на оваа врвна стрип-едиција со полувековна излезност, тогаш сигурно ќе станете нејзин фан пред сè, заради начинот со кој се откриваат аномалиите кои можеби се и причина за сегашната состојба во светот. Сигурно е дека Алан Форд ќе трае уште долго бидејќи општествата се далеку од совршени…