Откако новиот надграден мотор не му помогна на тимот на Ферари на трката за Големата награда на Шпанија, поголем дел се сложуваат со констатацијата дека италијанскиот тим и практично ја загуби титулата, иако сезоната само што започна.

Четвртото место на „првата виолина“, Себастијан Фетел, и петото на Шарл Леклер на последната трка во Барселона веројатно го фрли во бездна тимот од Маринело. Иако момците од боксот донесоа надградување на болидот пред трката, вклучувајќи и подобар мотор, сепак нивните пилоти не беа ниту близу до резултатот кој го оствари главниот претендент за титулата, екипата на Мерцедес.

„Сребрената стрела“ веќе петта трка во низа бележи двојна победа, додека Ферари константно прави грешки, па дури и тимот на Ред Бул со својата стратегија се покажува како подобар противник од време на време.

Во генералниот пласман Фетел веќе заостанува 48 бода во однос на водечкиот Хамилтон, додека неговиот клупски колега 55.

  • Сезоната се уште трае, никогаш нема да се откажеме. Имаме многу лекции да научиме. Разочарани сме од перформансите. Се надеваме дека во иднина ќе бележиме подобри резултати. На правците сме добри, но апсолутно губиме во свиоците, изјави оспоруваниот директор на Ферари, Матија Биното.

Поради ваквите грешки изминатата сезона најмногу настрада Маурицио Аривабене, а по истите чекори би можел да тргне и Биното, кој дојде на негово место, доколку во иднина нешто не промени кон подобро.

Следната трка се вози наредниот викенд, кога на програмата е Големата награда на Монако.