Седум книги од регионот годинава го добија признанието „Штефица Цвек“. Регионалната книжевна заедница номинира 153 наслови за годинешната трета по ред „Штефица Цвек“.
Изборот на крајот се сведе на 7 добитнички изданија! Наместо да избере само еден победник, „Штефица Цвек“ го слави колективното влијание на овие дела што ги предизвикуваат конвенциите, поттикнуваат критичка мисла и нудат нов поглед на горливите прашања на нашето време.
За конечниот книжевен избор, именуван според хероината на феминистичкиот класик на Дубравка Угрешиќ, одлучуваа членките на жири-комисијата: Маја Абаџија (Босна и Херцеговина), Дара Шљукиќ (Србија) и Мања Величковска (С. Македонија). Првиот круг на жирито го сочинуваа Ања Томљеновиќ, Грација Атанасовска, Иван Шуњиќ, Марија Божиќ, Марија Бошковска, Милица Улемек и Филип Кучековиќ.
„Веруваме дека книгите кои ги бираме ги поместуваат границите на современата книжевност на поранешните југословенски простори и создаваат нови светови во кои отпорот и надежта се повторно можни. Сите овие дела се неопхопдни и сите го заслужуваат вашето внимание бидејќи продолжуваат да инспирираат дијалог и да поттикнуваат промени“, наведено е во соопштението на жири-комисијата.
Така, со признанието „Штефица Цвек“ награден е романот „Стрвинари старог свијета“ на Теа Тулиќ (Oceanmore, 2023) меланхолична и топла приказна за тричлено, а потоа двочлено, семејство кое живее на хрватското приморје, на преминот од осумдесеттите до денес. Се работи за ретко успешен роман, на ниво на јазик, тон, композиција, карактеризација на ликовите, приказот на односите меѓу ликовите, па дури и во градењето на заплетот. „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска (ТРИ, 2023) ја добива заслугата за маестрално спојување на геополитичките тензии со сложените семејни динамики. Истражувајќи ги актуелните проблеми предизвикани од војните, окупациските политики и неоколонијализмите, романот е еден од ретките примери на слоевит книжевен квалитет.
Дебитантскиот роман на авторката Ева Симчиќ „Четири лакта унутра“ (V.B.Z., 2023) плени со автентичноста на нејзината емигрантска приказна, забележува жири-комисијата. Трагајќи по прескапи станови за изнјамување, помеѓу чудни познаници, во ходниците на чекалните или во безбедноста на спомените, нараторката сфаќа дека мора да помине долг и болен пат за да разбере дека нејзиниот лек и дом се во неа самата. „Куќа се није мрднула“ на Јелена Анѓеловска (Партизанска книга, 2023) е поетскодрамска и прозна стихозбирка, во која песните „се случуваат“ на покриви од згради, во куќи и во бегалски станови. Збирката ја обработува темата на куќата низ бегалското искуство, губењето на домот, потстанарскиот живот, наследувањето имот и во сигурната куќа на една лезбејска организација.
Успехот на оваа книга се отсликува во обработувањето на војните и на различните форми на насилство на трогателен, но паметен начин, без патос и патетика. „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова (самиздата, 2023) е книга која се истакнува поради храбрата духовитост, непретенциозната циничност и умешноста во пронаоѓањето радост во тесногледата култура на доцнокапиталистичкиот и хетеропапатријархален хаос. Според изјавите на жири-комисијата, поезијата на Димитрова го слави пријателството и избраното семејство, разноликоста на квир световите, и сето она што прави да чувствуваме спокој и радост во нашиот мал и потребен интимен хаос.
Марија Андријашевиќ во книгата „Темељене куќе“ (Фрактура, 2023) постигнува прецизен баланс меѓу експерименталноста и комуникативноста. Во секој од прозно-поетските „блокови“ што ја сочинуваат оваа книга доминира самосвесен женски глас кој промислува тема која недоволно се дискутира во локалната книжевност- родовиот аспект на наследувањето имот. Тематската одважност на авторката е поткрепена со внимателно осмислен концепт и возбудлив, непретенциозен лирски исказ.
Овогодинешното признание е доделено и на изданието на групата автор(к)и на книгата „Жене БиХ за дијецу – илустровано путовање с изузетим женама из прошлости“ (Сарајевски отворени центар, 2023) чија вредност лежи е токму во тоа што, потпирајќи се на богатата традиција на жанрот и учејќи од неа ја покажува неговата широчина и слоевитост. Педагошкиот елемент кој отсекогаш бил присутен во слични книги, овде е експлицитно обмислен и разработен на ниво на прашања, упатства, задачи и информации, Текстовите во оваа книга ја премостуваат границата меѓу историјата и литературата.
Прогласувањето на книжевниот избор се одржа во Историскиот музеј на Босна и Херцеговина во рамките на Фестивалот за женска уметност и активизам „Пичвајз“. Признанијата на добитничките ќе им бидат врачени во рамките на програмата на Културтрегер/Букса „Ревија на мали книжевности“ во Загреб, во октомври. Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа го имплементираа организациите „Побуњене читатељке“ (Србија), „Културтрегер/Букса“ (Хрватска), Коалиција „Маргини“ (С. Македонија) и Narratorium (Босна и Херцеговина). Годинешниот избор го поддржаа Western Balkan Fund, Rekonstrukcija Zenski Fond, La Тerra Nostra и Book & Zvuk.