Седуммина жители на каменичкото село Моштица шест години чекаат да им засвети

32

Седуммина жители на село Моштица, кај местото викано Божаница, шест години не можат да дојдат до приклучок за струја. Најмногу погоден од проблемот е Јанче Андоновски, кој, како што вели, вложил 30.000 евра во изградба на објект, а веќе шест години никако да се најде начин да му се уважи барањето за приклучување на неговиот објект на електричната мрежа.

– Имам проблем со струјата, објектот ми е легализиран со сите документи, но имам проблем со доводот на струја, не само јас, туку седум објекти во овој дел од Моштица немаме електрична енергија. Приклучокот е далеку околу 400 метри за да стигне до нашите куќи. Поднесов многу барања, последното ми е одбиено во август 2018 година. Доаѓаа овде екипи, мереа, сликаа, но зошто не може да се приклучи струја, не ни кажаа – вели Андоновски.

Слична е приказната и со објектот на Јован Илиевски, кој вели дека за да се приклучат на електричната мрежа од нив се бара сами да го платат надоместот за потребниот кабел кој треба да стигне до нивните објекти.

– Јас прв направив викендичка, која исто така е без струја. Бевме кај поранешни градоначалници и во ЕВН, велат да направиме наша линија, да си платиме жица, кабел, а потоа ние пак да плаќаме приклучок по 500 евра. Тоа нас секој посебно ќе не чини по 2.000 евра од човек, плус приклучок. Овде сме неколку куќи на кои им треба струја, има и други луѓе кои сакаат да се вратат тука да живеат, но без струја тоа е невозможно – вели Илиевски.

Во последното известување кое Андонов го добил од ЕВН стои дека неговиот објект нема технички услови за приклучок. Ако не се изнајде решение за проблемот со кој се соочуваат седумтемина жители на Моштица, помош велат оти ќе бараат со соодветна судска постапка. Дотогаш, како што велат, ќе живеат на свеќи или во целосен мрак.