На радост на љубителите на овој музички жанр на сцената на Националната опера и балет, пред присутните кои со големо задоволство го проследија музичкиот настан, беа изведени нумери од македонски автори кои и самите се членови на овој новоформиран Национален оркестар

 

Полна сала, аплаузи, повик за бис и честитки за одлично музичко доживување… Вака накратко може да се опише вчерашниот прв концерт кој македонските џезисти го изведоа сега веќе како национален оркестар. На радост на љубителите на овој музички жанр на сцената на Националната опера и балет, пред присутните кои со големо задоволство го проследија музичкиот настан, беа изведени нумери од македонски автори кои и самите се членови на овој оркестар.

Како што посочи и Гоце Стевковски, директор на овој новоформиран Национален оркестар, ова е историски момент за Македонија, но според присутните ова беше и вечер за паметење.

Така, публиката имаше можност во без малку два часа да слушне десет нумери меѓу кои „Inner Nova“ од Горан Спасовски, „Spring Like“, од Трајче Велков, „The Professional“ од Зоран Костадиновски, „Diamond Shaped Heart“ од Иван Петровски, „People“ од Алек Пејовски…, но и „Acidic Water” од Гоце Стевковски и „¼ Oka“ од Џијан Емин, кој воедно е и диригент на оркестарот. По барање на публиката на бис беше изведен и „Поздрав до оркестарот“ од Драган Ѓаконовски-Шпато.

Пред почетокот на концертот, пак, Министерката за култура Бисера Костадиновска -Стојчевска посочи  дека со многу љубов, работа, разбирање, почит и визија заеднички е стигнато до оваа концертна вечер на новоформираната национална установа од областа на културата.

„Знаеме како заедно дојдовме дотука. Затоа оваа вечер, задоволството е уште поголемо. Убедена сум дека овие музичари, кои му се познати и на регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сцена. Како министерка за култура, како Министерство и како Влада, ќе ги поддржиме и на тој пат“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура дополни дека токму овие музичари, со нивното активно и страсно уметничко дејствување и влијание, ја наметнаа потребата од формирање државен биг бенд.

За месеците што следуваат, од Џез оркестарот најавија дека подготвуваат внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и од светската џез-сцена. Иако почетокот беше одбележан со македонски автори, во наредниот период, додаваат, ќе има гостувања и на еминентни музички имиња.

Концертите пак, ќе ги одржуваат и во културните центри и установи ширум државата.

(Д.Т.) Фото: П. Стојановски