Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за иновации и претприемништво на Косово, Бесим Бечај денеска остварија работна средба, на која разговарале за идните заеднички активности од областа на развојот на информатичкото општество, иновациите и претприемништвото.
– Темите за коишто разговаравме се унапредување на нашата регионална соработка пред се во делот на конкретните аспекти коишто ќе влијаат на животот на граѓаните. Она што сите го знаете е дека имаме сериозен напредок и конкретен план за укинување на цените за роаминг помеѓу граѓаните од земјите на Западен Балкан, но и кон Европската Унија заклучно со 2021 година, нагласил Манчевски, соопшти МИОА.
Навел дека, вториот проект за кој разговарале е нивниот предлог во Скопје да се формира регионален центар за обуки за сајбер безбедност за сите вработени во јавните институции од земји од Западен Балкан, за што, како што рекол, имаме целосна поддршка од нашите пријатели од Косово.
– МИОА ја прифаќа иницијатива на министерот Бечај за формирање на регионален облак (cloude) за земјите Северна Македонија, Косово и Албанија каде ќе може да се врши истражување и развој и еден вид соработка меѓу научно технолошките центри и паркови на регионално ниво, истакнал Манчевски.
Бечај информирал за последната средба со Еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел, каде се разговарало за отворените европски фондови кои регионално Северна Македонија и Косово можат да ги искористат.
– Со комесарката Габриел разговаравме за дигиталните вештини, за облакот за регионални истражувања и развој, како и за многу други области од нашиот интерес, се стремиме кон добивање европски фондови и се надевам дека во таа насока ќе можеме да оствариме понатамошна соработка со министерот на Република Северна Македонија. Исто така, сакам уште еднаш да изразам поддршка за проектите коишто се во план, вклучително и за регионалниот центар за сајбер безбедност, рекол Бечај.
На работниот состанок се зборувало и за можната соработка во полето на развој на паметни градови и беше заклучено дека двете држави можат заедно да формираат добар пазар за развој на дигитални вештини, подигнување на компетитивноста и искористување на човечките ресурси.