СДСМ, в сабота, на 23 март, на конгрес ќе одлучува за кандидатите за пратеници и за носителите на листи за парламентарните избори на 8 мај.

Ова го потврди потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, кој изјави за медиумите дека, при одлучувањето, ќе се води сметка за рејтингот, кредибилитетот и за реномето на личностите. Вели дека ќе се внимава и на родовата и на регионалната застапеност.

– Правиме анкети и гледаме за кого ќе дадат граѓаните поддршка во изборната единица и, согласно со анкетите, ги носиме кадровските одлуки викендов, на конгрес – изјави Богоев.

Инаку, според информациите што ги објавуваат медиумите, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе биде носител во првата изборна единица, а како коносител ќе ја има претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова. Први во „двојката“ ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица. Најверојатно, носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а „шестката“ е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња и најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.

Но, во меѓувреме, дел од медиумите шпекулираат дека, сепак, може да има измени на претходно планираните изборни листа во „двојката“ и во „тројката“, односно дека поранешниот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, повторно ќе ја предводи втората изборна единица, а заменик-претседателката и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, ќе биде прва во „тројката“.

Потпретседателот на партијата, Богоев, не откри многу на оваа тема и во врска со ексминистерот Спасовски и негово појавување како носител на листа. Посочи дека ќе покажат анкетите.

– Изборите се тактика и стратегија – рече Богоев.

Претходно, деновиве, претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, информираше дека во партијата има над 1.000 потенцијални кандидати предложени од општинските организации, од кои 600 имаат поднесено кандидатура.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, пред неколку дена ги објавија носителите на листи за претстојните парламентарни избори, а останува непознат само уште носителот на листата за петтата изборна единица. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, како што е познато, ќе биде носител во првата изборна единица, во втората, прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата – потпретседателот Александар Николоски, додека во шестата изборна единица – Дафина Стојановска. За „петката“, во партиските кулоари се споменува името на генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

Она што е извесно засега е дека во „кецот”, покрај Христијан Мицкоски од ВМРО -ДПМНЕ и Димитар Ковачевски од СДСМ, ќе се натпреваруваат и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која најави дека ќе биде носител на листата на партијата Алтернатива, и Димитар Апасиев, лидерот на Левица.

Партиите треба да ги достават изборните листи до Државната изборна комисија до 2 април.

М.С.