СДСМ очекува конструктивност од опозицијата, без опструкции, за носење на Буџетот

22

СДСМ очекува конструктивност од страна на опозицијата, низ аргументирана дебата, без блокади и опструкции со цел да се донесе Буџетот, рече на денешната прес-конференција пратеничката од оваа партија, Марија Георгиевска, по стартот на расправата за Предлог буџетот за 2022 година  од собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со одговорно финансирање, истакна Георгиевска,  очекуваме 2022-ра да биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции. – Фокусиран на интересот на народот, Буџетот за 2022 има четири основни цели: зачувување на здравјето и животите на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции, рече Георгиевска.

Таа нагласи дека покрај Буџетот пред пратениците претстои многу работа во делот на донесувањето на законите кои се во интресе на граѓаните и државата, а кои, вели, се блокирани од страна на опозицијата. Некои од законите кои, како што кажа, демократскиот блок, преку зголемено, стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ  треба да ги донесе се:минимална плата од 18.000 денари, недела неработен ден, отпис на каматите за долгови, Законот за служба во Армијата, како и законските измени кои обезбедуваат трајно вработување на 4.700 наставници во основните и средни училишта.

-Време е за одговорност и работа во интерес на граѓаните, носење на овие закони, но и на други измени и дополнувања на законите кои ќе значат подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и забрзан реформски процес во државата.Особено имајќи предвид предизвиците пред нас како енергетска криза, пандемијата, продолжување на евро-атланскиот пат на државата. Тоа е одговорност на секој пратеник кој добил доверба од граѓаните, истакна Гегоргиевска.