Седат Ќазим низ солзи ракажува за сообраќајката кај Ласкарци: Повредениот ми рече – Сврти се со лицето да те запомнам, да знам кому му го должам животот!

101

Си помислив или ќе умрам или ќе ги спасувам настраданите, друг избор нема. Насекаде, кого и да го фатиш течеше крв, помешана со нафта која истекуваше од резервоарот на автобусот. Додека одев кон средината на автобусот каде што беше најкритично патниците ме тргаа за нозе, бараа помош. Кога стигнав до средината го забележав Дарко, половина од телото му беше надвор од автобусот, а од половина беше приклештен меѓу седиштата. Кога му пријдов Дарко ми викаше, сврти се со лицето да те запомнам. Да знам на кого му го должам животот. Покрај него беше и Јасмина. Едвај дишеше и непрекинато викаше: “Се гушам, помогнете ми. Лицето и беше покриено со јакната. Го извадив малото ноже и и ја исеков јакната. Бараше вода, вели низ солзи Седат Ќазим, наставник, со кој вчера екипата на весникот ВЕЧЕР се сретна во селото. Тој е меѓу првите кој  пристигнал на местото на несреќата и успеал да ги спаси Јасмина и Дарко, кои биле прклештени во средината на автобусот.

И по една недела од страшната сообраќајна несреќа, што се случи кај селото Ласкарци, кога автобус излета од патот, при што загинаа 15 лица ниту трагите може да се избришат, ниту пак болката спласнува. Секавањата се свежи како да се случиле само пред неколку часа, а помина една недела.

Екипа на весникот ВЕЧЕР , вчера беше повторно на местото на трагедијата, каде што на дело се покажа хуманоста и пожртвуваноста на старо и младо, на сите кои се затекнаат тоа кобно поладне покрај автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци.
И сонцето не можеше да го прикрие студенилото покрај нивата и автопатот. Таму ги затекнавме екипите на “Македонија пат”, кои поставуваа нови заштитни огради кои минатата недела беа оштетени кога автобусот ги проби и слета во нивата што се наоѓа покрај стариот пат кој води кон селото Ласкарци. На стариот пат и натаму се гледаат вдлабнатините во асфалтот направени од ударот при слетувањето на автобусот .
Таму беше и сопственикот на нивата. Ги собираше во една пластична кеса остатоците од автобусот и личните работи од патниците, кои и по една недела беа неми сведоци на хороророт кој однесе 15 животи. И натаму во нивата имаше остатоци од стакла, чадори, облека, пластични делови од автобусот кои увидните екипи не успеале да ги соберат. Човекот длабоко воздивнуваше. Му беше тешко зошто баш тоа да се случи во неговата нива.
“Никогаш повеќе да не се повтори -кусо ни рече тој и продолжи да ги собира остатоците.

На работ од нивата, неколку сантиметри од асфалтниот пат, имаше оставено икебана со свежо цвеќе, а малку понатаму гореше и кандилце, кое најверојатно го оставило семејство на некој од починатите.

На мештаните и натаму им лазат морници по телото кога ќе го споменат кобниот ден. Плачат и жалат по загинатите и настраданите.
Над џамијата во селото го сретнавме и Седат Ќазим, наставник кој иако имал висока температура, меѓу првите пристигнал на местото на несреќата и успеал да ги спаси Јасмина и Дарко, кои биле прклештени во средината од автобусот.

Не сакаше многу да зборува бидејќи кога влегол во автобусот влегол за да спаси човечки живот, а не да стане херој, како што вели го прикажуваат медиумите. За него во тие моменти не било важно дали е некој Албанец, Македонец, Ром, стар или млад, единствено му било важно колку што може побрзо повредените да ги изнесе од автобусот. Иако се обидуваше да ги прикрие солзите, не му успеа. Ја издадоа неговата болка во душата и почнаа да течат по лицето додека ни раскажуваше за тој кобен ден.

“Сакам се да заборавам. Но не можам. Кој може да заборави, никој. Уште пред себе ми е глетката на Јасмина и Дарко, кои беа приклештени меѓу седиштата во средината на автобусот, и молеа за помош. Внатре беше како опреациона сала на отворено. Си помислив или ќе умрам или ќе ги спасувам настраданите, друг избор нема. Насекаде кого и да го фатиш течеше крв, помешана со нафта, која истекуваше од резервоарот на автобусот. Додека одев кон средината на автобусот каде што беше најкритично, патниците ме тргаа за нозе, бараа помош. Кога стигнав до средината го забележав Дарко половина од телото му беше надвор од автобусот, а од половина беше приклештен меѓу седиштата. Кога му пријдов Дарко ми велеше: “Сврти се со лицето да те запомнам .Да знам кому му го должам животот. Покрај него беше и Јасмина. Едвај дишеше и непрекинато викаше: “Се гушам, помогнете ми#. Лицето и беше покриено со јакната. Го извадив малото ноже и и ја исеков јакната. Бараше вода. Бидејќи главата и беше свртена настрана и не смеев да ја мрдам, во раката ставив од водата и Јасмина испи неколку голтки. Откако малку позеде душа, ја изнесовме од автобусот. – низ солзи раскажува Ќазим.

Но неговата хуманост не застанува тука. Тој цела вечер поминал на местото на трагедијата се додека не го танспортирале и последниот од повредените, а потоа и самиот се упатил во болница да дознае во каква состојба се Дарко и Јасмина. И наредниот ден бил во болница и ги молел сестрите да му помогнат да ги пронајде Дарко и Јасмина.
По два дена ја пронашол Јасмина. Средбата била трогателна.Тој несакал многу да се задржува во болничката соба за да не ја вознемирува. Битно му било самиот да се увери дека е се во ред со девојката . Пред вратата биле и нејзините родители. Таткото ги рашири рацете ме прегрна и ми рече: “Во Ласкарци сега имам брат”, низ солзи кои не запираа Ќазим ја опишува средбата со родителите на девојката.

 

Секојдневно ми се јавуваат, важно ми е што побргу да оздрават

Ќазим секојдневно е во комуникација со Дарко и со семејството на Јасмина.Вели дека тој не сака да ги вознемирува додека се на болничка постела. Важно му е што побрзо да се залачат од траумите.

И повредените ни потврдија дека секојдневно го бараат да го слушнат нивниот спасител. Дарко веќе е пуштен на домашни лекување. Со него разговаравме само кусо. Не сакавме повторно да го навраќаме на стравотниот настан кој го преживеал додека се враќал од работа. И тој ни потврди дека барал од Седат да му го види лицето за да го запамети човекот кој му го спасил животот. Изрази благодарност и до пожарникарот од Скопје, Мартин Божиновски, кој исто така помагал во неговото извлекување од автобусот.

Јасмина пак и натаму е на лекување во болицата 8 Септември. Нејзините родители деноноќно бдеат пред болничката соба. Нејзиниот татко ни изјави дека во моментов Јасмина треба да биде префрлена на друг оддел, но дека и натаму е потребно болничко лекување. Изрази голема благодарност до Седат Ќазим за неговата пожртвуваност да и подари живот на нивната миленичка.
“Едвај чекаме Јасмина да заздрави и да го поканиме Ќазим во нашиот дом. Тој е веќе дел од нашето семејство-вели таткото на повредената Јасмина.

 

Пацка Лазарова