Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва во Грделичка клисура, кај Владичин Хан, се обрати на свечената церемонија по повод пуштањето во сообраќај на автопатот на Коридорот 10.

Од македонска страна на свеченоста присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Инаку, Коридорот 10 го отвори српскиот претседател Александар Вучиќ, а на свечената церемонија присуствуваа и премиерката Ана Брнабиќ и министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктира Зорана Михајловиќ.

-Мислам дека пристигнувањето на Заев е важна вест и го покажува значењето на Коридорот 10, изјави претседателот Вучиќ непосредно пред отворањето на автопатот.

Со новиот автопат од Белград до Македонија сега ќе се стигнува за само три часа.

-Автопатиштата нè поврзуваат, носат нови работни места, повисоки плати и повеќе туристи, додаде Вучиќ истакнувајќи дека Коридорот 10 е еден од најзначајните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија.

Со отварањето на оваа делница кај Грделичка клисура, Македонија преку Србија ќе биде целосно поврзана со 600 км долг автопат се до границата со Унгарија.

На делницата преку Грделичка клисура долга 26,3 километри, возачите од Македонија и Србија ќе имаат можност да поминат низ два нови тунела и 33-те конструирани моста.

Тунелите Предејане и Манајле се со вкупна должина од 2,8 километри, минирани се ридови заради „скротување“ на природата, “исправнено” е коритото на реката Јужна Морава, а 33-те мостови се со вкупна должина од 5,7 километри.

На делницата кај Гредичка клисура вградени се 560.000 тони асфалт, а вкупната должина на сите потпорни конструкции е околу 15 километри.

Поради тежината на изградбата, особено на Косината 2, каде што се урна дел од ридот, изведувачите мораа да изградат галерија со 110 бетонски носачи, вградени се 7.000 тони арматура и отстранети се 170.000 кубни метри земја.

Коридорот 10 е еден од најважните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија и ги поврзува Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Македонија и Грција.