Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2023 година и промоцијата на победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска-Атанасова, ќе се одржат на 16 април, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: Николина Андова-Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“.
„Риба во(н) мрежа“ е роман за млади, кој на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет. Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.
Јована Матевска-Атанасова е родена во 1991 година, во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог и досега објавила осум книги.
На петтиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 36 ракописи. Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледа во најтесниот избор и ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов, за кои наведе дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.
Во меѓувреме, беше распишан конкурсот за 2024 година, кој ќе биде отворен до 1 јули.