Светски ден на тестенините – симболот на италијанската кујна не губи ни ден од планетарната слава

23

Светскиот ден на тестенините денеска се одбележува ширум планетата, а Италија е неспорно на прво место по производство, извоз и потрошувачка на тестенини, кои се симбол на нејзината кулинарска традиција.

Еден италијански жител во просек јаде 23,3 килограми тестенини годишно. Следат Тунис, Венецуела и Грција, пишува Јуронуз.

Организаторите на „Светскиот ден на тестенините“ оваа година ја прогласија Филаделфија, во американската сојузна држава Пенсилванија, за светска престолнина на тестенините, а во тој град ќе се одржат специјални настани и меѓународен конгрес за тестенини.

Од 1970-тите години на 20-тиот век, Филаделфија се карактеризира со силно влијание на италијанската кујна и различни јадења со тестенини.

Според BoldData, италијанските ресторани, вклучувајќи ги пицериите и траториите, сè уште се најбројни во светот.

Вкупно 471.045 италијански ресторани низ светот покажуваат дека италијанската кујна е најраспространета и најсакана на глобално ниво.

Потоа следат рестораните со американска храна, од кои има 201.913 и азиската кујна со 110.330 ресторани ширум светот.

Најмногу ресторани со традиционална италијанска храна има, секако, во Италија, 143.852, а САД заостануваат многу малку со 137.044 такви објекти. Следи Бразил со 34.550 италијански ресторани.

Значителен број има и во Франција и Германија, повеќе од 29.000.