Светска банка позитивно ја оценува политиката на Народна банка за одржување на финансиската стабилност. На состанокот одржан меѓу двете банки се дискутирало за тековната техничка помош од Светска банка, со која, преку повеќе проекти, дополнително ќе се јакнат капацитетите на земјата и на централната банка во неколку области поврзани со банкарскиот систем.
Тие се однесуваат на унапредување на макропрудентната рамка, јакнење на капацитетите за кризно управување, за управување со климатските промени, како и финализирање на законската рамка за решавање банки. Дополнително, во сферата на платниот систем, ќе се поддржат напорите за изработка на студија за дигитален денар.
За проектите беше дискутирано за време на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), за време на состаноците на гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска, и вицегувернерот Фадил Бајрами со високи претставници на Светска банка, потпретседателката Антонела Басани и извршниот директор на конституенцата на која ѝ припаѓаме, Кун Давидсе.
Со носењето на Законот за финансиска стабилност, минатата година, се воспостави институционална рамка за макропрудентната политика во нашата земја и правно се регулираше улогата на Комитетот за финансиска стабилност, во кој се вклучени сите финансиски регулатори. Народна банка изработи и нацрт- стратегија за макропрудентно управување, додека во следниот период фокусот ќе биде зајакнување на рамката за следење на системските ризици и креирање макропрудентна политика. Во овие активности, централната банка ќе добие поддршка од Светска банка, велат од Народна банка.
Во насока на управување со ризиците што произлегуваат од климатските промени и животната средина, а поврзано со финансиската стабилност, Народна банка е во финална фаза со подготовката на зелената финансиска стратегија со поддршка на Светска банка. Исто така, Светска банка ќе обезбеди поддршка преку консултација во однос на утврдување на насоките што ќе ги издаде централната банка за комерцијалните банки при идентификување, управување, следење и известување за климатските ризици, како и креирање „зелена контролна табла” на индикатори со ризици.
Светска банка ќе даде и поддршка кон стрес-тестовите на банките од аспект на климатските ризици, кои се планирани за наредната година. Народна банка планира и организирање конференција за климатските ризици, преку која ќе се работи на зголемување на свеста и ќе ги појасни супервизорските насоки и препораки за банкарскиот сектор.