Подобрените локални патишта и подобриот пристап до пазарите и услугите ќе помогнат во зајакнување на егзистенцијата ширум Северна Македонија, по денешното одобрувањето на дополнително финансирање од 37 милиони евра за дополнување на средствата прераспределени од Проектот за поврзаност преку локални патишта во мај 2020 година за надминување на КОВИД-19 пандемијата. Со ова финансирање ќе се поддржи рехабилитација на патиштата и други слични подобрувања, вклучувајќи автобуски станици, тротоари, велосипедски објекти, подобрено одводнување и механизми за безбедност и ќе се поттикне економската конкурентност, ќе се поддржи растот во рамките на општините кориснички и ќе се обезбедат повеќе и подобри можности за луѓето ширум земјата.
Проектот има за цел подобрување на капацитетите на владата да управува со локалните патишта, да го зголеми пристапот на пазарот и да ги подобри услугите преку рехабилитација и подобрување на околу 450 километри локални патишта –што ќе овозможи подобар и побезбеден транспорт во 80 општини учеснички. Во општините кориснички спаѓаат рурални заедници со висока стапка на сиромаштија и кои повеќе се потпираат на земјоделство, како и урбани општини и подрачја со социоекономски разнообразно население.
-Иако земјата оствари значителен напредок во подобрување на националната патна инфраструктура и поврзаност, сѐ уште се потребни реформи во управувањето и надградбата на мрежата на локални патишта за да се зголеми отчетноста и одржливоста на секторот,“ вели Светлана Вукановиќ, виш специјалист за транспорт на Светска банка и тим лидер на проектот. „Дополнително, подобрувањето на климатската отпорност во рамките на мрежата на локални патишта претставува придобивка за жителите и бизнисите, бидејќи на тој начин ќе се намали веројатноста и сериозноста на климатски поврзаните прекини на пристапот до услугите, работните места и пазарите.“
Со ова дополнително финансирање ќе бидат заменети средствата од оригиналниот Проект за поврзаност преку локални патишта – одобрен од страна на Светска банка на 19 декември, 2019 година – наменети за одговор на пандемијата на КОВИД-19. На 8 мај, 2020 година, Светска банка ја активираше компонентата за вонреден одговор на итна состојба (ЦЕРЦ) на проектот по барање на Владата на Северна Македонија, со што овозможи 37 милиони евра да бидат насочени кон финансиската поддршка на вработените во приватниот сектор сериозно погодени од кризата од КОВИД-19 и воспоставување на механизам за поддршка на приходите за месеците април, мај и јуни 2020 година.
„КОВИД-19 сериозно влијаеше врз Северна Македонија и активирањето на компонентата за вонреден одговор на итната состојба им овозможи на фирмите да ги ублажат директните финансиски предизвици и им овозможи да задржат што е можно повеќе вработени,“ вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата за Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Ова дополнително финансирање ќе овозможи зачувување на примарната цел на проектот за создавање на поздрав транспортен сектор ширум земјата – што претставува клучна компонента за подобрување на пристапот до пазарите и услугите, а оттука и за обнова на економијата на Северна Македонија и за обезбедување добри можности за вработување.“