Како што посочи Небојша Јовановиќ, организаторот на четвртото издание на Фестивалот на грчки филм, што ќе се одржи во Скопје, од 7 до 9 април, и во Битола, од 8 до 10 месецов, целта е претставување на грчката кинематографија во нашата земја и приближување на културите на двете земји. „Овогодишната програма на фестивалот носи наслови од поновата грчка кинематографија, а темите на филмовите се фокусираат на човековата природа, како осаменоста, невработеноста и смртта“, рече, пак, грчката амбасадорка, Софија Филипиду, на денешната прес-конференција во EU House во Скопје
Шест филма, 3 долгометражни и 3 кратки, ќе се прикажат во рамки на четвртото издание на Фестивалот на грчки филм, што годинава ќе се одржи во Скопје од 7 до 9 април, и во Битола од 8 до 10 месецов.
Како што истакна грчката амбасадорка Софија Филипиду, на денешната прес-конференција во EU House, овогодишната програма на фестивалот носи наслови од поновата грчка кинематографија, а темите на филмовите се фокусираат на човековата природа, како осаменоста, невработеноста и смртта.
Небојша Јовановиќ, организатор на Фестивалот, пак, посочи дека Фестивалот на грчки филм има за цел претставување на грчката кинематографија во нашата земја и приближување на културите на двете земји. „Ние можеби нема да го промениме светот, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а особено филмот преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои произлегуваат од актуелното грчко општество. Овој фестивал е уште еден канал на комуникација меѓу двете држави“, рече Јовановиќ.
Фестивалот започнува на 7 април (недела), во Кинотеката во Скопје, а во Битола ден подоцна, на 8 (понеделник) во киното „Манаки“, од 20 часот. „Програмата е составена од филмови со различни жанрови и филмски стилови. На ова традиционално 4. издание, ќе ја понудиме есенцијата на грчката филмска уметност од последните неколку години. Фестивалската програма ја правевме според концепт преку кој го приближуваме до нас, тука светогледот на современите грчки филмски автори, кои прават вивисекција на современото грчко општество. Инаку доминираат темите за машко-женските односи, доминацијата на мажите, отуѓеноста на современиот човек во грчкото општество, а посебно е интересно бавењето со смртта и тоа во разни димензии, како казна, како решение, како поттик, како мотивација“, додаде Јовановиќ.
Во Скопје, фестивалот ќе биде отворен со филмот „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ (Not To Be Unpleasant, But We Need To Have A Serious Talk) во режија на Јоргос Георгопулос од 2019 година.
Како што истакна Јовановиќ, овој филм и режисер припаѓаат на новиот т.н. чуден филмски бран во Грција. „Тоа е еден од најинтересните, најзачудните и најгледани филмови последните години во Грција. Режисерот Георгопулос е дел и еден од предводниците на Грчкиот чуден филмски бран, заедно со Атина Цангари и Јоргос Лантимос. Филмот има особено необичен филмски израз и градење на филмската нарација, оригинална филмска приказна, правејќи силна алегорија на изместеноста и немањето баланс во машко-женските односи, каде што можни жртви се само жените, а изразувањето и задоволувањето на мажите оди лесно ко песна“, посочи тој.
На 8 април во Кинотеката, пак, скопската публика ќе може да го види филмот „Невидлив“ (Invisible) на Димитрис Атанитис од 2016 година, социјална драма, во која режисерот експериментира со филмската нарација.
Фестивалот во Скопје ќе се затвори со остварувањето „Жена-убиец/Фониса“ (Murderess) на режисерката Ева Натена од 2023 година. „Филмот, кој и покрај тоа што не кокетира со комерцијални вредности, во Грција урива рекорди на гледаност. Тој е втора адаптација на истоимениот роман на писателот Александрос Пападијамантис, по онаа на Костас Ферис од 1974, и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле, како што е убивањето на женски бебиња заради сиромаштија и обичаите што жените ги ставале во многу тешка состојба. Ова се информации кои и денес прозвучуваат шокантно, но биле реалност, а стануваат уште пошокантни кога ќе ги видиме светските статистики“, рече Јовановиќ.
На прес-конференција преку видео се обрати и грчката режисерка Натена, која рече дека филмот ја опишува траумата на секоја жена. За подготовка на филмот ѝ требале повеќе години, односно околу 10 за истражување на секој посочен извор, секоја трага и приказна, и уште три за да целосно да се реализира. Дејството се случува на грчки остров, при крај на 19 век.
Од краткометражните филмови, пак, ќе се прикажат „Тишината на рибата што умира“ (The Silence Of The Dying Fish) на Василис Кекатос, 2019/19 мин.; „Поглед од балконот“ (From The Balcony) на Арис Капланидис, 2022/12 мин. и „Бјути“ (Beauty) на Танос Либеропулос, 2020/20 мин. (Н.И.Т.)