Македонската ракометна репрезентација викендов (5 и 6 ноември) ќе одигра два контролни натпревари во Каиро со репрезентацијата на Египет, како подготовки за претстојното Европско првенство, во јануари наредната година во Словачка и Унгарија.

Токму за овие натпревари, селекторот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров повика 22 ракометари, како и дополнителни 10 играчи кои најверојатно ќе добијат шанса во дуелите со Египет.

-Ги анализиравме детално четирите натпревари од квалификациите. Свесни сме за добрите, но и за лошите работи во нашата игра. Имаме идеја како треба да одиме напред и што да работиме за подготвени да го дочекаме Европското првенство. Инсистирав за време на подготовките да имаме посилен противник од европски и светски рамки. Прва опција ни беше Шпанија, но, за жал, не успеавме да се договориме. Требаше да патуваме со три летови и автобус, но сметам дека и Египет како противник воопшто не е лоша опција, истакна селекторот Лазаров.

Најдобриот македонски ракометар вели дека до крајот на годинава ќе има јасна слика за тоа што треба да се поправи пред почетокот на шампионатот.

-До крајот на декември ќе имаме јасна слика за тоа што треба да надградиме бидејќи нè очекуваат силни противници и сериозен предизвик, додаде Лазаров.

Македонија на ЕП во 2022 година ќе настапи во Дебрецин, во групата А, со селекциите на Словенија, Данска и на Црна Гора. Поради повреда на коленото, на ЕП нема да настапи левото крило Дејан Манасков.

Повикани ракометари: Н. Митревски, М. Томовски, Г. Чаневски, Ц. Кузмановски, Б. Маџовски, Г. Георгиевски, Н. Костески, С. Стоилов, Ж. Пешевски, Н. Марковски, Ф. Талески, Ф. Кузмановски, П. Анастасиевиќ, М. Младеновиќ, Ф. Миркуловски, М. Мишевски, И. Ѓорѓиев, М. Велковски, М. Серафимов, Т. Јагуриновски, М. Митев, К. Симоновски. Резерви: Т. Ончев, Д. Димитриевски, Г. Крстевски, Е. Ѓорговски, М. Аларов, К. Петров, М. Поповски, Д. Кондев, П. Атанасијевиќ, М. Кизиќ.