Сараево сe плаши да не му се случи Јабланица, белите дробови на градот стануваат бетон

61

Лoкалните власти во Сараево издадоа драматично предупредување за опасност од лизгање на земјиште што може да биде предизвикано од поројни поплави, а причина за тоа може да биде агресивната градба на падините на планината Требевиќ, која во минатото беше исклучиво зелена оаза.

Откако поројните поплави минатата недела предизвикаа уривање на каменолом во селото Доња Јабланица, при што камења урнаа десетици куќи и загинаа најмалку 16 луѓе, сараевската општина Стари Град извести дека нивните служби откриле сличен ризик во Бистрички Поток, локација, која гравитира кон самиот центар на градот.

Градските и окружните власти од општината предупредија дека во тој поток, кој се влева во Миљацка низ населбата Бистрик, откриле купови земја и купишта дрвја исечени во делот од шумата каде сега се гради мамутскиот деловно-станбен комплекс наречен Требевиќ Хилс.

На местото каде што се гради комплексот со стотина станови и деловни простории, како што предупредува општината, расчистена е голема површина шума која граничи со населено место, што може да ја зголеми опасноста од одрони. При изградбата на комплексот, земјата која беше ископана заврши во внатрешноста на потокот Бистрица, што во случај на обилни врнежи може да предизвика излевање на вода и поплавување во градското јадро.

Административната структура на БиХ уште еднаш се покажа како посебен проблем бидејќи комплексот се гради на територијата на општината Источен Стари Град и е дел од Република Српска, а дел од територијата загрозена од изградбата се наоѓа во Федерација БиХ на која и припаѓа сараевската општина Стари Град.