Санирани оштетените патеки на мостот „Обединети нации“

140

Град Скопје во соработка со ЈП „Улици и патишта“ од почетокот на годината почна со проект за санација на 36 мостови, надвозници и пешачки натпатници кои се во надлежност на Град Скопје.

– Дел од мостовите и натпатниците како повеќедецениски предизвик и покрај потребата не биле санирани, а неопходни се реконструкции на коловози, тротоари и огради, со што значително ќе се придонесе за зголемување на безбедноста. Со системско следење на надлежностите ќе се постигнат позитивни резултати, затоа што за овие инфраструктурни објекти неопходен е континуиран мониторинг со цел навремено санирање и редовно одржување – велат од Градот.

Досега завршени се градежните активности за санација на оштетените патеки на мостот „Обединети нации” во Влае со што е реализирано барањето на пешаците и велосипедистите кои секојдневно го користат овој мост, со што се овозможува зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.

– Во текот на градежните работи заменети се оштетените подни бетонски плочи со нови, реконструирани се патеките и санирана е заштитната ограда на мостот. Градежните работи на патеките, со должина од 90 метри и широчина од два метра, на терен ги изведоа екипите на ЈП Улици и патишта – потенцираат градските власти.