Во земјава има само четири бебиња кои ги родила сурогат-мајка. Законот за биомедицинско оплодување кој во земјава стапи во сила пред пет години даде можност на паровите кои не можат да станат родители, единствениот спас да можат да се реализираат и на тоа поле им го овозможува сурогат-мајка.
Мајката го носи само детето, а генетскиот материјал е од биолошките родители. Како што информираат од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР, според нивниот регистер досега за изминативе пет години вкупно четири бебиња се родени со помош на сурогат-мајки, но имало и уште два обида кои останале нереализирани.
-Кај четири од нив постапката завршила со позитивен исход, додека кај останатите две мајки, таа била неуспешна. Само минатата година со помош на сурогат-мајка се родени две бебиња – потврдуваат од ресорното министерство и дополнуваат дека законот не дозволува да се изнесуваат детали околу семејството кое го добило ова детенце кое биолошки му припаѓа, а мајката само го прави овој хуман и благороден чин да го износи во својата утроба девет месеци.
Постапката овозможува бебето да ги носи гените на биолошките родители, а сурогат-мајката е еден вид инкубатор. Во традиционалните средини мајката која е сурогат најчесто е роднински поврзана, како што е мајка за својата ќерка.
-Постапката почнува на тој начин што претходно оплодени ембриони со ин-витро постапка се вметнуваат во матката на жена која се нафатила да го износи бебето бидејќи биолошката мајка не е во состојба тоа да го реализира – велат лекарите.
Од хумани причини, сурогат-мајчинството во Македонија со закон беше дозволено, за да се овозможи со вештачко, биомедицинско оплодување (ин витро) да се создаде ембрион од родителите, кој потоа се вметнува во телото на мајката која ќе го носи следните 9 месеци.
Сурогат мајчинството е еден голем феномен за кој низ годините најголеми поборници станаа токму лекарите-гинеколози, бидејќи тие се сведоци на секојдневни голготи на многу семејни трагедии, а кои немаат потомство, при што на секој начин се обидуваат да станат родители. Проблемот за да се реши треба да се биде многу внимателен, бидејќи тој е збир од повеќе етички проблеми и го прави многу чувствителен.
За професорот, социолог Илија Ацевски се работи за феномен, но и табу тема за најосетливата сфера на човекот каде треба да се бори да добие свое потомство. Токму за тоа говорат овие бројки кои се речиси незначителни во однос на редовно родените бебиња кои на годишно ниво се околу 20 илјади.
-Ние сме мала традиционална средина, главна работа е тајноста. Ние сме едно сурово модернизирано општество со многу традиционални норми и затоа сурогат мајчинството не заживеа што и статистиката го потврдува тоа – објаснува професорот Ацевски за весникот ВЕЧЕР и дополнува дека треба да се направи во иднина една анализа зошто тоа кај младата популација не најде примена како што се очекуваше.
Тој смета дека денеска кај младите во земјава сè повеќе се враќа верското чувство и дека и тоа можеби е една бариера.
Бизнис вреден над шест милијарди долари
Според законските правила кај нас оваа постапка е бесплатна, не како во другите држави каде се плаќаат илјадници евра, а жените може да се сурогат-мајки само ако се македонски државјанки, на возраст од 25 години и повеќе, до возраст што им овозможува добра физичка и психичка подготвеност за здрава бременост, но и веќе да имаат најмалку едно свое дете. Брачните двојки, пак, што би добиле дете од сурогат-мајка треба да имаат проблем со стерилитет, кој не може да се лекува. Притоа гестацискиот носител и жената од брачната двојка што е во работен однос ги има сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и породилно боледување.
Сурогат мајчинството во многу развиени земји како Германија, Франција, Австрија, Германија, Шведска, Италија е забрането. Во Британија, Холандија, Белгија, Данска и Грција се дозволуваат сурогати, додека сурогатството е одамна пракса во САД, Канада, Украина и Русија. Во соседна Србија од неодамна е донесен закон за сурогат-мајчинство каде за постапката треба да се плати околу 15.000 евра.
Постојат македонски двојки кои ги прошириле своите семејства, барајќи во некоја од овие земји за извесен паричен надомест да станат родители. Најчесто тоа го прават во Украина, бидејќи постои специјална агенција која за одреден паричен надомест кој се движи од 20.000 до 30.000 евра го прави со дискреција. Клиниката овозможува идните родители да го одберат и полот на ембрионот во нивната програма. За разлика од Украина, во Америка една ваква постапка чини 100.000 долари. Светските проценки се дека овој бизнис вреди на годишно ниво околу шест милијарди долари.
Сурогат-мајка може да се биде само еднаш
Сурогат-мајка може да се биде само еднаш, а по ин витро оплодувањето и раѓањето целата постапка завршува. Додека тече бременоста сурогат-мајката месечно ќе добива просечна македонска плата.
Според д-р Антони Новотни, психијатар, сурогат мајчинството е комплексен проблем и од психолошки и психијатриски аспект и затоа треба сериозно да му се пристапи.
-Треба да се внимава за психофизичката состојба на мајката, односно тоа да бидат жени кои свесно ќе се вклучат во овој процес. Исто така разделбата на мајката од детето е специфичен момент и на тоа треба да се посвети поголемо внимание – смета д-р Новотни.
Мајката треба психолошки да се подготви во текот на целата бременост, особено за разделбата со детето која треба да биде професионално поддржана. Таа исто така треба периодично да биде следена од страна на специјална комисија во која ќе бидат вклучени 5 стручњака од кои тројца лекари, бидејќи можни се осцилации во емоциите на мајката пред таа да го даде бебето. Мајката треба да биде добро информирана и 6 месеци пред да го склучи договорот со идните родители да знае што прифаќа.
Психолозите пак сметаат дека сурогат мајчинството има хуман аспект за огромен број на парови кои не можат да станат родители. Според нив од една страна е хуманата димензија, но од друга страна има етички дилеми од страна на родителите кои имаат силно чувство за мајчинство и сурогат-мајката која треба да го донесе бебето на свет.
-Кај двете страни треба да се следи состојбата, особено во моментот кога ќе треба да го даде бебето во други раце – велат психолозите.
(В.Ма.)