Бројките покажуваат дека Македонија се соочува со предизвици во искористувањето на својот работоспособен потенцијал. Од вкупно 1,5 милиони лица на возраст од 15 до 89 години, кои се сметаат за работоспособни, само 46,1 отсто се вработени, а стапката на активност е 52,6 отсто. Економските експерти посочуваат дека треба невработените лица да се вклучат на пазарот на трудот, а не да се увезуваат работници. Според нив, причината поради која голем број од лицата не сакаат да работат се ниските плати. Државата треба да направи анализа и да види колку од овие работници работат на црно, колку земаат социјална помош и колку од нив може да се активираат и да се пополни дупката од недостиг на работници.
-Имаме над 100 илјади невработени кои со доквалификација и преквалификација можат да се вклучат на пазарот на трудот, но треба да бидат соодветно платени. Не значи ако е невработен и се пријавува во Агенција за вработување треба да му дадеш минимална плата. Меѓу невработените има и луѓе со високо образование, со магистратури и докторати. Само со повисоки плати би можеле да се мотивираат невработените активно да бараат работа. Приватниот сектор во моментов има потреба од околу 10 илјади работници. Тоа значи дека проблемот може да се реши со активирање на домашните невработени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател во Сојузот на синдикати на Македонија.
Според него, нормално е невработените да одбиваат да работат за минимална плата. Дел од невработените кои се регистрирани во АВРМ работат на црно и не сакаат да се вработат за да не ја изгубат социјалната помош. Пешевски смета дека државата треба да има поголема контрола за сивата економија на пазарот на трудот и на примателите на социјална помош.
Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека мора да се види каде се тие невработени, бидејќи, и покрај тоа што имаме над 100 илјади, ние мораме да увезуваме работници од Непал, Пакистан, Турција…
-Овие 50 отсто што не работат се без соодветни квалификации и најголем дел работат на црно. Но има и такви кои се надвор од Македонија и се водат како невработени само да ја задржат социјалната помош и другите бенефиции од државата. Се надеваме дека државата конечно ќе направи нешто по ова прашање, односно ќе направи дигитална евиденција на сите приматели на социјална помош и да се види кај се тие луѓе и како живеат само од социјална помош, изјави за весникот ВЕЧЕР, Димитров.
Ако овие 50 отсто се вклучат на пазарот на трудот ќе се намали проблемот со недостиг на работници и нема да треба да увезуваме од надвор, вели Димитров и додава дека моментално ни фалат над 10 илјади работници.
-Во Македонија има 900 илјади работоспособни лица, од кои само 54 проценти работат. Треба да размислиме како да влезат овие 45 отсто во бизнисот и да го полнат буџетот и Фондот за пензиско, а не да ги враќаме пензионерите на работа. На економијата ѝ се потребни млади кадри, а не пензионери, кои не се продуктивни. Со ангажирање на пензионерите, уште повеќе ќе се намалат продуктивноста и ефикасноста на работењето, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис- конфедерацијата на Македонија.
Стапката на невработеност во третото тримесечје од 2024 година е 12,3 отсто, а стапката на вработеност изнесува 46,1 отсто, објави Државниот завод за статистика. Бројот на активно население во земјава е 796.733 лица, кои се на возраст од 15 до 89 години. Од нив вработени се 698.411, а 98.322 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52,6 отсто. Најголем број или 142.365 луѓе работат во преработувачката индустрија. Во земјава има 1.515.193 работоспособно население на возраст од 15 до 89 години.
(А.С.)