Само за три месеци купени се станови во вредност од 128 милиони евра и гаражи за 2 милиона евра

52

Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал брои 7.491 трансакција, од кои 5.525 купопродажби на недвижности и 1.966 закупи на недвижен имот.

Во споредба со тој квартал од минатата година, има незначително намалување во бројот на купопродажби, додека за пет отсто е намален бројот на закупи, според последните податоци на Агенцијата за катастар на недвижности.

Регистрираните купопродажби се во вредност од 237 милиони евра, при што повеќе од половина од оваа вредност е постигната со купопродажба на 2.115 стана, со вредност од 128 милиони евра. Другите купопродажби опфаќаат 644 куќи (40 милиони евра), 189 деловни простории (25 милиони евра). Исто така, и 1.651 купопродажба на земјоделско земјиште – 15 милиони евра, 630 на градежно земјиште – 18 милиони евра, 178 гаражи во вкупна вредност од два милиона евра, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

Продажбата на станови во третиот квартал е со значителен пораст во однос на вториот, кога имало купопродажба на 1.697 стана, во вредност од 102 милиона евра.

Во третиот квартал од 2024 година, најмногу купопродажби биле регистрирани во септември, вкупно 1.923, додека во август биле регистрирани најмалку купопродажби, 1.748.

Според регистарот на АКН, во третиот квартал се регистрирани закупи во вредност од 797 илјади евра. Најмногу закупи се регистрирани во септември – 737, додека во август се регистрирани најмалку – 581.

Регистрирани се 743 закупи на стан, 689 на државни парцели, 259 на куќи, 174 на земјоделско земјиште, 46 на индустриски објекти, 28 на градежно земјиште, 17 на гаражи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември годинава, се издадени 296 одобренија за градење, што е за 9,2 отсто помалку во однос на тој месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 49,3 проценти се наменети за објекти од високоградба. Во извештајниот период е предвидена изградба на 755 стана, со вкупна корисна површина од 67.372 квадратни метри.