Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ беше недоволно организирано во текот на вчерашниот ден иако веќе повеќе денови наназад се говореше за трасите и начинот на движење на автобусите во јавниот градски превоз за време на посетата на папата Франциск во Скопје. Наместо да се пуштат повеќе автобуси за да можат оние што се на работа навреме да пристигнат, бидејќи и онака автобуските линии беа со сменети траси, напротив, некои беа намалени.

Ова го потврдуваат и забелешките и коментарите на скопјани.

Жителка од населбата Аеродром која сабајлево со автобусот со бројот 5 се упатила на своето работно место вели дека досега не поминала низ ваква голгота.

  • – Автобусот го чекав 40 минути, а кога пристигна тој беше преполн. Луѓето се туркаа и едвај дишеа внатре. Бидејќи беше многу задушливо, на една жена ѝ се слоши, па мораше да се интервенира со вода. Друга, пак, во паника добивајќи лоша вест силно врескаше за да слезе од автобусот. И сега ме лазат морници кога ќе се сетам на тоа – почна со приказната патничката која сакаше да остане анонимна.

Кога патниците го прашале возачот на автобусот која е причината за доцнењето на автобусот и за големата гужва и зошто не пуштат повеќе автобуси, тој им одговорил дека засега сообраќа само еден автобус по наредба на надлежните од претпријатието. Според коментарите на патниците, повеќе автобуси со бројот 5 и 15 чекале паркирани на последната автобуска станица во Ново Лисиче и ги чекале наредбите да се вклучат.

За приказната да биде уште потрагична, автобусот од големата тежина речиси и да легнал на земја, по што почнал да гребе по асфалтот.

– Автобусот едвај се движеше бидејќи беше преполн, а згора на тоа кај Народна банка му пукна амортизерот. Не знам како, но речиси лазејќи автобусот се движеше од семафорите кај Народна банка, сè до станицата спроти Олимписки базен. Таму и не остави, бидејќи возачот рече дека морал да се врати – заврши патничката.

Во текот на вчерашниот ден, според сајтот на ЈСП, автобусот со број 5 требаше да сообраќа по следнава траса:– Кон Ѓорче Петров, од комплексот банки, према МАНУ, кон мостот „Гоце Делчев“,  булеварот „Партизански одреди“, лево по улица „Рузвелтова“, кај Треска десно на булевар „Теодосиј Гологанов“, па по вообичаената траса. Додека за враќање: од Ѓорче Петров, од булеварот „Теодосиј Гологанов“, лево по улица „Рузвелтова“, булеварот „Партизански одреди“, кон мостот „Гоце Делчев“, Судска палата, кон Транспортен центар, па по вообичаената траса.

Ова не е прв пат да се случува ова и не само кога се организираат големи настани, туку и вообичаено. Се пуштаат помал број автобуси и не се почитува возниот ред.

Бидејќи вчера беше неработен ден за администрацијата, не успеавме да добиеме одговор зошто ЈСП дозволи на една линија да сообраќа само еден и тоа неисправен автобус.   (А.П.)