Според министерот за здравство Беким Сали за да се намали одливот на стручниот медицински кадар  превземени се мерки да се подобрат условите за работа во болниците и со зголемување на платите. Што се однесува на процесот на имунизација вакцини има доволно, но за жал интересот е мал. Министерот вели дека со последните бројки на статистика од пописот сега опфатот со вакцинација во земјава за заштита од вирусот е 46 отсто.

 

Во земјава има доволен број вакцини, но интересот кај граѓаните за имунизација е мал. Како што појаснува министерот за здравство Беким Сали, со последните бројки на статистика од пописот, сега опфатот со вакцинација против ковид-19 е 46 отсто.

-Со поранешните бројки опфатот беше над 43 отсто. Тоа не значи многу, многу е битно да знаеме дека имаме сосема доволен број вакцини и ги имаме на располагање за секој граѓанин кој е заинтересиран за вакцинација, посочува министерот за здравство

Сали и дополни дека, за жал, интересот за вакцинација е опаднат, меѓутоа паралелно со тоа е опаднат и бројот на новоинфицирани, што е позитивна вест.
Министерот укажува дека во иднина можеби нема да биде така, затоа треба да сме подготвени како институции за соочување со каков било предизвик од коронавирусот.

Што се однесува за одливот на медицинскиот кадар од болниците министерот вели дека се анализира состојбата во повеќе болници во земјава од аспект не само на кадарот, туку и на опременоста, располагање со соодветни материјали и просторот.

-Минатиов период имавме одлив на стручен медицински кадар во странство, кој што не можеме да го надоместиме веднаш. Затоа и воведовме мотивирачки мерки за сите здравствени работници како што е покачување на платите, подобрување на услови за работа, доопремување на болниците со цел да се обезбедат потребните здравствени услуги во секоја болница – појасни Сали и дополни дека засега не може да се обезбеди секоја услуга во секоја болница, затоа што тоа претставува огромен товар за секоја установа.

Министерот Сали во текот на вчерашниот ден беше во посетата на Општата болница Куманово по повод реализираниот проект за гасификација на оваа јавна здравствена установа, која целосно се загрева на природен гас, со што се намалува аерозагадувањето, бидејќи до неодамна болницата се грееше на мазут.

– Системот е централно поврзан, многу е важен за понатамошниот тек на инвестиции кои ги планираме во сите здравствени установи. Ова е пилот-проект и сметам дека ќе послужи како модел за другите болници – вели Сали.

Според него, финансиските средства што ќе се заштедат од еколошкиот начин на загревање, може да се пренаменат за други проекти значајни за жителите на Североисточниот регион.

– Во комуникација сме со сите директори. Изминатиот период однесовме компјутерска томографија којашто е важна за рана дијагностика на болести. Колку порано дијагностицираме, толку порано и лекуваме. Ова е многу важно за здравјето на секој жител. Посакувам вакви проекти да имаме во сите здравствени установи и да ја вратиме довербата во севкупниот здравствен систем, рече Сали.

(В.Ма.)