Португалскиот стручњак и понатаму тврди дека кај него нема никаква вина кога е во прашање продажбата на египетскиот интернационалец Мохамед Салах, додека двајцата беа дел од лондонскиот премиерлигаш Челзи.
Пред да потпише за Рома, Салах две сезони одработи како позајмен фудбалер, но иако тие позајмици се случија додека Мурињо седеше во менаџерското столче, Португалецот потенцира дека е најзаслужен за ангажирањето на репрезентативецот на Египет.
- Морам да почнам со него, затоа што нема вистина во работите кои се зборат на оваа тема. Луѓето се обидуваат да ме дефинираат како човекот кој го продаде Салах. Јас сум тој кој го ангажираше Салах. Кога игравме против Базел во Лигата на шампиони, јас бев тој кој ги ангажираше играчите и тимот. Салах одигра одлично и затоа го купив. Јас бев тој кој го принуди клубот да го купи Салах, иако тогаш имавме одлични напаѓачи. Имавме фантастични таленти. Салах беше планиран како крилен напаѓач, изјави Мурињо.
Во продолжението од интервјуто кое го даде за “беЛН Спорт”, Португалецот откри како дојде до позајмицата на Салах.
- Салах беше изгубено момче во Лондон. Дете во некој нов свет. Сакавме да работиме со него, со цел да биде уште подобар. Сепак, Салах беше тој кој инсистираше дека има потреба од поголема минутажа. Затоа го позајмивме и тоа во земјата каде ја познавам фудбалската култура – Италија. Фиорентина најмногу му одговараше, и тактички и физички. Одличен тим, кој нема никаков притисок кога е во прашање титулата, откри Мурињо.
“Специјалниот” потоа ги откри вистинските причини за продажбата на Салах.
- Јас не бев тој кој одлучи дека треба да се продаде Салах. Тоа беше клубот. Мојот однос со него беше добар, таков е и сега. Мислам дека не зажали што си замина од Челзи. Напредуваше откако замина од Лондон. Тогаш беше само дете со желба да игра секоја недела, секоја минута. Јас не можев тоа да му го овозможам, заклучи Мурињо.