Новиот селектор на македоската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, го имаше првиот собир откако беше поставен на оваа функција. Најмладиот селектор на Македонија кој ќе има и улога на играч за натпреварите со светскиот шампион Данскa, за пласман на Европското првенство во 2022 година повика 23. ракометари. Но на првиот собир не се појавија репрезентатовците кои се уште имаат обвраки со своите клубови. Репрезентацијата ќе биде комплетна денеска, а пред да се почне со тренинзи, ракометарите треба да ги минат сите потребни ковид-протоколи.

-Сакам модерна репрезентација, поточно репрезентација која ќе игра модерен ракоме. Сега сме во време кога имаме промена на генерации, но мора да работиме постепено. Но мора да мислиме и на резултатите и да го продолжиме континуитетот на учества на големите натпреварувања. Со моите соработници ќе се посветиме максимално. Имам верба, имаме конкретен план и за Данска и за сега и за иднината. Мора да одиме чекор по чекор и каков било пораз или победа не смее да ни ги помати плановите. Имаме квалитети и во стручниот штаб и на теренот, Македонија не треба да стравува, бидејќи ќе направиме добра репрезентација, вели новиот селектор.

Лазаров имаше и убави зборови за враќањето на средбиот бек во репрезентацијата Филип Миркуловаки. Смета дека тој треба да ја заврши кариерата со играње на едно големо натпреварување.

-Сакам тој да настапи на ЕП 2022 година. По сè што даде во минатото за репрезентацијата заслужува да ја заврши кариерата со играње на едно големо натпреварување, вели Кире.

Во репрезентацијата освен Лазаров и Миркуловски ќе работат уште поранешните репрезентативци Ацо Јоновски, Бранислав Ангеловски и Биљана Црвенковска.

Првиот натпревар со Данска се игра на 11 март во Скопје, а три дена подоцна „црвено – жолтите“ гостуваат во Алборг. По две одиграни кола Македонија и Данска ја делат првата позиција со по две победи, а без бодови се Финска и Швајцарија.