Пилотот на Хас, Данецот Кевин Магнусен (26), по лошо ќе ја памети трката за Големата награда на Монако во Формула 1, бидејќи во квалификациите оствари одлично време со кои се избори за петто место на стартот.
Данецот беше една од ѕвездите во квалификациите пред трката во Монте Карло и со големо задоволство го прослави својот резултат. Тој беше убеден дека со својот тим во повторно ќе слават добар резултат и освојување на многу бодови, но наместо тоа, се случи вистински дебакл и разочарување кај Магнусен.
Патеката во Монте Карло не прашува за тактичките грешки, а една таква направи тимот на Магнусен, кој за време на сигурносното возило на патеката отиде да ги промени пневматиците во моментите додека беше шесто место, го „фати гужва“ во боксот и на крајот остана без бодови (12. место). Поради ваквиот расплет на настаните, сосема очекувано, темпераментниот Данец беше бесен по трката.
- Сакав да ми експлодира моторот, изјави ладнокрвно Магнусен за „Мотоспорт“ и додаде:
- Разочарување е да се оствари ваков резултат иако бевме одлични во текот на целиот викенд. Момците направија добра работа. Бевме одлични во текот на викендот, жал ми е за сите. Така е кога мора да донесеш одлука во дел од секундата, па ќе погрешиш. Не сакам никакви заклучоци по тоа што се случи. Само ми е жал за сите и разочаран сум премногу.
По големиот неуспех Магнусен падна на 8. место во генералниот пласман, а нова шанса за бодови и подобрување на лошиот впечаток ќе ја има на 9 јуни кога на програмата е трката за Големата награда на Канада.