Соединетите Американски Држави имаат намера да дојдат на Олимписките игри во Париз со бројни НБА-ѕвезди и шест од нив се речиси сигурни во составот.

САД долго време важеа за непобедлива селекција, но во последните 20 години, таа слика се промени и тие веќе не се толку супериорни во однос на другите репрезентации. Причина за тоа е што заминуваа на светските првенства и на Олимписките игри со просечни кошаркари, што им се одрази на резултатите. Но, оваа Олимпијада ќе биде сосема друга песна.

Веќе шест големи ѕвезди се сигурни учесници на Игрите во Париз, секако, доколку ги заобиколат повредите. Тука се: Џру Холидеј (Бостон), Џејсон Тејтум (Бостон), Кевин Дурент (Феникс), Леброн Џејмс (ЛА лејкерс), Стеф Кари (Голден стејт) и Џоел Ембид (Филаделфија).

Сите споменати, освен Џоел Ембид, веќе го имаат носено дресот на репрезентацијата на САД. Ембид имаше понуда на маса од француската репрезентација, чиј пасош го поседува, но на крајот реши да игра за САД.

Дурент, Холидеј и Тејтум беа дел од тимот што го освои златото на Олимписките игри во Токио, совладувајќи ја Франција со 87:82.

Инаку, селекцијата на САД доживеа вистински дебакл на претходното СП, кога остана без медал. Тие некако успеаја да стигнат до мечот за третото место, но таму беа запрени од селекцијата на Канада, која славеше со 127:118.

Сега Американците не сакаат ништо да ѝ препуштат на случајноста. Шест големи ѕвезди веќе се на списокот, а ќе видиме како ќе изгледа остатокот од ростерот.