„Саботна ноќна треска” во Сули ан; Изложба на Сековски, Блажев и на Ветероска

9

„Саботна ноќна треска” е изложбата на Игор Сековски, Иван Блажев и на Марија Ветероска, која ќе биде отворена на 7 ноември во 20:00 ч., во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.

Тројцата автори изложуваат дела на една заедничка тема, но низ три различни изразни форми. Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска, која во придружниот текст кон изложбата пишува: „Саботна ноќна треска“ е евокативен наслов, кој веднаш создава слики од општествениот живот, славењето и енергичната урбана култура. Сепак, во контекст на овој проект, насловот станува длабоко ироничен, не одразувајќи го раздвижениот ноќен живот некогаш поврзан со Скопје, туку повеќе е критика на современото разочарување од градот. Уметниците Сековски, Блажев и Ветероска ја користат својата работа за да ги истражат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација што сега го дефинираат животот во Скопје. Нивните колективни напори создаваат дијалог кој ја надминува обичната носталгија, навлегувајќи во филозофските и во егзистенцијалните импликации на живеењето во град што изгубил голем дел од своето сврзно ткиво. Инсталацијата на Сековски во преден план ги става начините на кои капиталистичките сили ги преобликуваат урбаните средини, често на сметка на историскиот континуитет и на социјалната кохезија. Фотографиите на Блажев нудат постмодерна критика на масовните медиуми и комодификацијата, но во исто време додаваат историска димензија на неговата критика. Просторната инсталација на Ветероска му додава поинтимна, психолошка димензија на истражувањето на отуѓеноста и изолацијата на модерната индивидуа во совремието.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 21 ноември.