САБОТАЖИТЕ ЈА ПАРАЛИЗИРАА ФРАНЦИЈА: Колапс на железничкиот сообраќај среде Олимписките игри/ВИДЕО

60

Обвинителството во Париз отвори истрага и го окарактеризира целиот случај како „намерна штета“ предизвикана на железничката инфраструктура и основните национални интереси.

Железничкиот сообраќај во Франција се уште е во прекин по вчерашниот добро подготвен и масовен напад на железничката мрежа, за кој се уште никој не ја презел одговорноста, а истрагата продолжува, јавија денеска француските медиуми.

Француската брза железничка мрежа вчера беше погодена од координирани „злонамерни дејствија“, вклучително и подметнување пожар, што доведе до прекин на многу од најпрометните железнички линии во земјата.

Ситуацијата се подобрува, но сообраќајот се уште е во прекин на две од трите линии кои одат кон Бретања и југозапад, додека на линиите на север 80 отсто од сообраќајот е во прекин, а насекаде се бележат доцнења од еден до два часа, јавуваат Франција 24.

На брзата пруга на истокот од земјава, железничкиот сообраќај се одвива нормално, покажуваат податоците на државната железница СНЦФ. Како што се наведува, прекини се очекуваат утре на северниот крак на железницата, додека подобрување се очекува на кракот Атлантик.

И денеска се очекува подобрување на состојбата, благодарение на мобилизацијата на неколку илјади железничари, соопштуваат од компанијата. На неколку локации на железничката мрежа во ноќта меѓу четвртокот и петокот се исечени и запалени оптичките кабли во близина на пругите кои обезбедуваат пренос на безбедносни информации до машиновозачите.

Францускиот премиер Габриел Атал вчера изјави дека саботажата што ги погоди клучните делови на француската железничка мрежа пред Олимписките игри има јасна цел – да ја блокира мрежата на брзи возови. Тој рече дека вандалите стратешки ги нападнале главните рути од север, исток и запад кон Париз, неколку часа пред свеченото отворање на Олимпијадата.

Обвинителството во Париз отвори истрага и го окарактеризира целиот случај како „намерна штета“ предизвикана на железничката инфраструктура и основните национални интереси. Примероците од повеќе локации беа испратени до Националниот институт за истражување на жандармеријата за итна анализа.

Извор близок до истрагата изјавил дека се работи за добро подготвена операција организирана од „истата структура“.

Нападот, кој се случи во пресрет на синоќешното отворање на Олимпијадата во Париз, предизвика хаос на железничките станици.

– Најпогодени беа 800.000 лица кои викендов требаше да стигнат до дестинацијата за одмор – изјави претставник на Министерството за транспорт, Патрис Вергрие.