РФИ: Балканот е периферен регион на Европа каде просперира национализмот

68

На мапата на Европа и светот, Балканот е периферен регион, кој на својата младина и нуди само една перспектива – да замине, за да се надева на подобар живот и во кој просперира национализмот, оцени француското меѓународно радио РФИ во специјална емисија посветена на односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Како што јави дописникот на МИА, радиото уште во воведот на емисијата нагласува дека Брисел смета оти ургентно треба да одвои време за шесте земји од Западен Балкан, пред тие да бидат примени во челнство во ЕУ.

– Балканот општо земено е во тешка ситуација, посебно на економски план со демографска катастрофа. Кога замолчи оружјето, започна да се верува дека земјите од поранешна Југославија ја свртија крвавата страница. Некои истакнаа и амбициозни проекти и покрај „европската припадност“ на Балканот, се зборуваше дури и за „дебалканизација“, односно ослободување од сите негативни карактеристики кои ја изградија репутацијата на регионот, наведува РФИ.

Но, според радиото, две децении подоцна, резулатот е многу слаб, а Балканот уште тапка пред вратата на Европската унија.

Меѓу позитивните настани на Балканот, РФИ го истакна решавањето на проблемот со името на Македонија по 27 години на спор со Грција. – Компромис кој изгледаше лесно да се постигне, но во суштина беше посложен, заклучува радиото.

Учесниците во емисијата, нагласија дека во регионот постојат сили кои сакаат помирување, што е присутно во официјалните дискусии за регионалната соработка и европската интеграција, но дека национализмот и натаму е присутен. – Национализмот стана пародија користена од локалните политичари, кои сакаат да останат на власт, оценија учесниците во емисијата.

Како загрижувачка беше посочена „замрзнатата“ ситуација во БиХ и недостигот на транспарентност во преговорите меѓу Приштина и Белград, при што беше оценето дека гласините за размена на територии за да се склучи мировен договор, се опасни, бидејќи „етничките граници никогаш не функционирале во регионот и светот и тие би предизвикале немири на Косово, Балканот и Европа“.

Според радиото, загрижува тоа што постјугословенскиот проект, кој се темели на национализам и капитализам, „ги уништи општествата и народот не знае каде е иднината“.

– Вистинската алтернатива е влегувањето во ЕУ, за што тежнеат сите земји од Балканот, иако ентузијазмот кај народот се намали, смета радиото.

РФИ потсети дека ЕУ во 2003 им вети на земјите од регионот дека сите ќе влезат во ЕУ, со што ќе се комплетира процесот на обединување на Европа.

– Со тоа ќе и се даде и нова сила на ЕУ по Брегзитот, со приклучување на земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и тие сигурно ќе донесат нешто ново, оцени францускоот радио.

РФИ на крајот нагласи дека европската интеграција е повеќе политички, отколку економски и социјален процес, затоа земјите од Балканот треба да станат членки на ЕУ, а не само да имаат улога на чувари на надворешните граници на Унијата.